Фото: Маја Јаневска-Илиева

Процесите поврзани со измените на Законот за јавно обвинителство и Изборниот законик веќе подолг период се заглавени во парламентарните лавиринти и во преговори меѓу тимови на најголемите политичките партии во земјата. Од друга страна, токму носењето на овие закони се посочува како еден од клучните услови што земјава треба да ги исполни за добивање датум за преговори со Европската Унија. Но иако се најавуваат како итни и неодложни, овие законски измени како да се туркаат под тепих, односно се забораваат.

Според одредени најави, рокот до кога би требало да се донесат измените е февруари следната година, кога Европската комисија ќе објави мини-извештај за реформскиот напредок на земјава, врз чија основа членки на ЕУ, пак, во март 2020 г. би можеле да донесат одлука за доделување датум за почеток на пристапните преговори со Скопје.

За потсетување, предлог-законот за Јавно обвинителство беше доставен во Собранието летово, а од тогаш до сега конкретно решение не беше постигнато во парламентот меѓу политичките партии бидејќи за да се донесе законот во Законодавниот дом е потребно двотретинско мнозинство односно 80 гласа, кои владејачките партии ги немаат во моментов.

Приближно истовремено со Законот за јавно обвинителство, во јавноста политичките партии ги кршат копјата и за реформите на Изборниот законик. Во моментов собраниската процедура е заглавена со илјадници амандмани што се однесуваат на измената на изборниот модел од шест во една изборна единица.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнс во интервју за државната новинска агенција МИА нагласува дека новиот закон за јавното обвинителство е суштествен за да се покаже национална посветеност во борбата против корупцијата и градење посилно обвинителство како институција. И амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, испрати јасна порака дека законот е еден од клучните услови.
Од кабинетот на претседателот на парламентот вчера изјавија дека ставот по овие прашања на Талат Џафери е јасен и спикерот го истакнал за време на последниот брифинг со новинарите на оваа тема.

Имено, Џафери изјави дека не е оптимист за иницијативата за измени на Изборниот законик во пресрет на априлските предвремени парламентарни избори, бидејќи за таков потфат била потребна широка поддршка во парламентот од сите партии.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок политичките аналитичари што ги следат случувањата во парламентот велат дека доколку одредено прашање не е во интерес на најголемите парламентарни партии, тогаш пратениците користат методи во својата работа со кои тенденциозно се блокира носењето одредени закони и измени во постојни законски акти.

Тие велат дека во моментов таков е случајот со (не)носењето на Законот за јавно обвинителство и Изборниот законик, а претходно истото тоа се случуваше и со забавувањето на процедурата за именување државен ревизор.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека ако се погледнат случувањата како се движат процесите на носењето на предлог-законите што се битни за нашето државно уредување, но истовремено се и неопходни на патот за зачленување во ЕУ, се добива впечаток дека нашите партии едноставно не сакаат да ги донесат законите.

– Кога е нешто во интерес на партиите, како Законот за финансирање на партиите или поделбата на дневниците за пратениците, тогаш парламентарците експресно реагираат и за свој интерес навремено ги завршуваат обврските. Но кога на дневен ред е некоја агенда од повисока форма, како Законот за јавно обвинителство и реформите во изборниот систем, се чини дека пратениците не сакаат да работат. Ваков пример на несакање да сработат имавме и со изборот на државниот ревизор, каде што приближно две години оваа функција беше испразнета затоа што политичките партии, како и сега, не сакаа да се договорат – вели Пекевски.

Според него, станува збор за системски неправилности во нашето државно уредување, кои партиите ги искористуваат како сакаат и како ним им одговара во даден момент.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски додава дека иако парламентот е местото каде што треба да се слушнат опширно сите размислувања на пратениците, оваа можност не треба да биде злоупотребувана за да се заштитат партиските интереси наспроти државните.

Стефаноски уште нагласува дека по зачленувањето во НАТО, агендата за приклучување во ЕУ треба да е највисок мотив, кој, наспроти актуелната ситуација, треба да ги стимулира пратениците побрзо и подобро да ги завршуваат своите работни обврски.

а[email protected]