Собранието вчера го усвои во прво читање сетот закони од областа на безбедноста и разузнавањето, со кои, меѓу другото, се реформира Управата за безбедност и контраразузнавање и се предвидува формирање агенција за национална безбедност.

Во подготвување на овие закони, кои произлегуваат од препораките на Прибе, учествуваа и пратениците од опозицијата, но дебатата мина во расправии меѓу власта и опозицијата, кој всушност стои зад масовното прислушување, како кадровски ќе се екипира новата агенција без дамките од минатото, како ќе се одреди кој е соодветен, а кој не да работи во новата агенција и како ќе се избегне влијанието на партијата и нејзините интереси во работата на оваа служба.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, образложувајќи го пред пратениците сетот закони, нагласи дека оваа реформа не е ексклузивитет на МВР, поради што во подготовката на законското решение биле вклучени сите засегнати субјекти во општеството, а процесот се одвивал во неколку фази за да се избере најдобриот модел што ќе биде во согласност со НАТО и ЕУ-стандардите.

– Ова политички е многу важен момент за сите нас, да го разбиеме митот за концентрација на моќта во МВР, особено на УБК. Целта е со новиот закон да се обезбеди модерна и демократска структура на разузнавање, со што ги исполнуваме европските стандарди и оние на НАТО – рече министерот за внатрешни работи.

Агенцијата за национална безбедност треба да профункционира од први јуни, како владина агенција, предводена од директор, именуван од Владата, по предлог на премиерот, а нејзините вработени нема да имаат полициски овластувања.

Спасовски нагласи дека се предвидени строги критериуми за директорот на новата агенција, но и за неговиот заменик.

– Целта е да се изгради систем што нема да зависи од политичката елита, од раководителите на некои структури, туку систем што ќе работи во заштита на државата и интересите на граѓаните – нагласи Спасовски.

Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ даде неколку забелешки во однос на законското решение, но напомена дека најголемата се однесува на човечкиот фактор.

– Без разлика какви закони и да носиме, какви реформи и да правиме, на крајот на краиштата човечкиот потенцијал, луѓето што работат таму се тие што треба да ги спроведуваат законите. Ако немаме добри и квалитетни луѓе, во класификацијата на раководителите не е напишано какво работно искуство треба да имаат – објасни Илиевски.

Спасовски го појасни и предлогот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, нагласувајќи дека досега земјата имала проблем токму во координацијата на овие служби, а со реформите е предвидено формирање совет за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Тој напомена дека ќе се овозможи слевање на сите информации од оваа сфера на едно место и градење соодветни стратегии за решавање одредени прашања од областа на безбедноста.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со ова се прави паралелен систем и се придонесува за концентрација на голема моќ во рацете на премиерот, кој ќе претседава со тој Совет. П.Р.