Изјавата на Тачи е евтин популизам, кој не се вклопува во  политичките процеси на држава што е членка на НАТО и е на добар пат да стане членка на Европската Унија. Уцените со воена реторика се од едно минато време, а со нив тој денес не може да ги „купи“ ниту симпатиите за гласови и од неговите најверни поддржувачи, тврдат политичките аналитичари

ЛИДЕРОТ НА ДПА САМ СИ ЈА СЕЧЕ ГРАНКАТА НА КОЈА СЕДИ

Последната изјава на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој во телевизиско гостување се закани со војна доколку се формира влада без албански партнер или без партии од албанскиот табор, наиде на општа остра осуда во јавноста.

Притоа заканите на Тачи со огорченост ги отфрлаат припадници на сите етнички заедници во државата, нагласувајќи дека е парадоксално и небулозно некој да се заканува со војна во држава што сега е членка на НАТО, само поради фактот дека одредена политичка партија не била составен дел на некоја идна владејачка коалиција.
Политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека изјавите со воена реторика се веќе минато во политичкото дејствување на земја-членка на НАТО. Според нив, реториката со ваква закана се должи единствено на гол популизам и на нескротени амбиции на пропаднати политичари.
Граѓанскиот активист Џабир Дерала, коментирајќи ја последната изјава на Мендух Тачи, вели дека станува збор за реторика на политичар што е пропадната политичка фигура на македонската политичка палета.
– Тачи во македонската политика е човек што поради оваа своја реторика многу малку бил на власт, односно еден краток период во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ меѓу 1998 и 2002 година, сепак и покрај ваквото негово слабо искуство да биде на власт, тоа сепак не му дозволува денес да се служи со воинствена реторика кога говори за процеси за формирање власт и влада во земја.

Тоа го аргументирам со фактот дека воинствената реторика во денешницата е минато, односно таа веќе не е механизам за решавање и надминување политички разлики и конфликти од секаков калибар. Изјавата на Тачи е евтин популизам, кој не се вклопува во политичките процеси на државата што е членка на НАТО и е на добар пат во скоро време да стане членка на Европската Унија. Уцените со воена реторика што ги изговори Тачи се од едно минато време, а со нив тој денес не може да ги „купи“ ниту симпатиите за гласови и од неговите најверни поддржувачи – објаснува Дерала.
Воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски вели дека, со членството во НАТО, Македонија дополнително се профилира себеси за стабилна и европска држава што се придржува до своите демократски вредности. Според аналитичарот, изјавите од овој тип не претставуваат сериозна безбедносна закана бидејќи се темелат единствено на предизборна реторика и популизам.

Сепак, Марковски подвлекува дека НАТО-сојузот едноставно ја зголемува безбедноста на државата во секој поглед, иако тој пред сѐ е дизајниран да ги штити сојузниците од надворешна агресија, а внатрешните проблеми од овој и сличен профил остануваат за решавање од страна на внатрешните институции на државите, а не од армиите.
Марковски потсетува дека, според Уставот на нашата земја, која веќе е членка на сојузот, Владата во Македонија не се прави на национална или бинационална основа туку исклучително врз основа на изборните резултати каде што мандатот го добиваат оние партии што можат да формираат мнозинство во парламентот.
Тој додава и дека имајќи ја предвид општествената разноликост на Македонија, секогаш било практика кога се формира власта од партиите да се има предвид и застапеноста на сите народи и националности што живеат во нашата земја.


Taчи вели дека бил погрешно интерпретиран

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вели дека неговата изјава дека ако во новата влада нема Албанци можно е да има војна е извртена и истакнува дека зборува за можните последици предизвикани од неговиот опонент Али Ахмети, за кој вели дека е политичар подготвен на тензии.
– Интерпретацијата е погрешна. Не сум рекол така. Реков оти во барањето на Ахмети за премиер Албанец, дека во поттекстот на тоа политичко барање има директна закана, затоа што тој е свесен дека тој ќе биде опозиција. Последната алка му е национализмот и сака да ја прави тензијата дека ако тој не биде во влада ќе има дестабилизација и може да се случи сценариото од 2001 година. Ние да не заборавиме дека сме членка на НАТО, на сите зовриени глави на одредени радикални структури на Албанците веќе им е јасно дека таквите сонови не постојат – ја појаснува својата изјава Тачи.

[email protected]