Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ќе стори се да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на уставните амандмани, за кои е закажана пленарна седница за 9 јануари. Како што истакна, оптимист е за поддршка на овој процес, поддршката со број на пратеници ќе се знае на чинот на гласањето.

-Веројатно, како што е амбиентот во Македонија, и како што се одвиваат практично уставните промени, преку доставување на уставните амандмани, на чинот на гласањето ќе ја знаеме конечната бројка. Седницата е закажана за 9 јануари, дебатата трае не подолго од 10 дена и како што е најавено неприсуство на опозицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно таа ќе трае не повеќе од два-три дена. Не знам колку. Колку што пратениците ќе оценат, а чинот на гласање ќе биде како резултат на самата дебата, амандманите и задоволството на сите пратеници кои доставија амандмани и како резултат на севкупната верба, дека овој процес треба да го обезбедиме, изјави Заев одговорајќи на новинарски прашања по претставување на очекувањата за економијата во новата година.

Ќе сторам се до последен момент за да обезбедиме двотретинско мнозинство и тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето, или ќе споделиме задоволство од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста на целиот фокус што го дадовме на интеграциите, дополни Заев, напоменувајќи дека е оптимист пред се, заради одговорноста на сите пратеници и на извршната власт, дека има одлични шанси процесот да заврши успешно.

Како што информираше премиерот,  во наредните денови продолжуваат разговорите со политичките партии, вклучително и со Билал Касами од Беса.

-Ќе разговараме за се за што тој смета дека треба да разговараме, но мене ми е драго што евроинтеграциите се приоритет на Беса и Алијансата на Албанците од кои како недвојбени поддржувачи на интеграциските процеси на Македонија очекувам сериозност и одговорност, рече Заев.

Верувам, посочи, дека ќе имаме успех во Парламентот најдоцна во средината на јануари.

– Тоа зависи од секој пратеник поединечно. Посакувам поголема бројка од 80, верувам дека е можно, знам во суштина што размислуваат пратениците, вклучително и првиот опозиционер во државата. Знам, но пуста политика. Исто така верувам во зборoт на мојот пријател, премиерот на Грција, Алексис Ципрас, дека ќе овозможи парламентарно мнозинство што е потребно според нивниот закон и Устав за да се ратификува Договорот од Преспа, наведе Заев.