Шеесет и пет амандмани доставила ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда за Законот за јавното обвинителство, со кој се регулира и статусот на СЈО, преговорите продолжуваат, а на процесот треба да се му се даде шанса.

Ова го истакна вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во ТВ дуелот кој вечерва се одржува на Канал 5 меѓу него и премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

Заев и Мицкоски вечерва на ТВ дуелот ги спротивставија ставовите во однос на Законот за јавно обвинителство и двајцата изразувајќи желба да се постигне компромис, но сепак имаат различни мислења како СЈО треба да продолжи да работи.

ВМРО-ДПМНЕ бара СЈО да стане оддел кој ќе се занимава со висока корупција во рамки на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, додека СДСМ смета дека тоа треба да остане посебно обвинителство во рамки на јавнообвинителскиот систем, кое ќе одговара пред државниот јавен обвинител.

Мицкоски одговарајќи на прашање на новинарот истакна дека денеска неговата партија и до Министерството за правда и до меѓународната заедница доставиле 65 амандмани, откако Министерството претходно ги прифати принципите што го побара ВМРО-ДПМНЕ – правда за секого и сите, меѓународни правила и прописи инкорпорирани со сето значење и почитување на човековите права согласно принципите на Судот во Стразбур, ЕК и Венецијанската комисија.

-Овој Закон за јавното обвинителство не подразбира постоење на СЈО како автономно, туку негово инкорпорирање во Јавното обвинителство. Ако досега ова СЈО биде инкорпорирано во ЈО и му бидат оставени истите ингеренции не сме ја постигнале целта, имаме еден орган со права и без обврски. Имаме сиромашен буџет, ајде да го споиме со Обвинителството на гонење на криминал и корупција и да имаме еден оддел, кој ќе биде оддел за висока корупција – истакна Мицкоски во првиот дел од ТВ дуелот, кој е посветен на правната држава и реформите.

Заев изрази оптимизам дека ќе се постигне договор и нагласи дека не се откажува од иднината на Република Северна Македонија, напоменувајќи дека овој закон е еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ.

-Дијалогот продолжува, верувам дека Законот треба да го донесеме сите заедно со консензус, бидејќи тој е дел сериозната реформа на правосудството. Дали ќе продложи Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ја блокираат Република Северна Македонија заштитувајќи го криминалот или конечно ќе бидат конструктивни во овој процес, бидејќи се работи за СЈО и иднината на јавнообвинителскиот процес. Дали ќе се блокираат преговорите со ЕУ на сметка на заштита на криминалците – истакна Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, како што истакна Мицкоски, бара формирање комисија за да истражи како досега се потрошени 15 милиони евра наменети за СЈО, бидејќи имале индиции дека некои од нив не биле законски трошени. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да штити криминалци.

Заев истакна дека ако ВМРО-ДПМНЕ се за влез на земјата во ЕУ и НАТО треба да го поддржи процесот и нагласи дека амандманите ќе ги разгледа. Посочи дека до емисијата не бил информиран дека се поднесени и секој амандман кој во себе не крие заштита на криминал и доколку го подобрува законот ќе биде прифатен.

Разговорите, како што рече Заев, продолжуваат и со осуммината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, но и со Беса и Алијансата на Албанците со цел да се постигне консензус за овој важен закон.