Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по лидерската средба изјави дека е договорено да не се одржат изборите на 12 април. Тој исто така рече дека пред останатите претседатели на партии и претседателот на државата кажал дека има потреба од воведување на ворнедна состојба, со цел, поефикасно справување со коронавирусот, согласно моменталната состојба.

– Нема услови за изборите, и сите ресурси ги ставаме во заштита на граѓаните. Имаме заеднички непријател-коронавирусот, и не е време за политички противници. Сега треба да сме сите насочени натаму, сакам да најавам дека подготвуваме сет за економски мерки за најпогодените. Сите мораме да се однесуваме солидарно, ја отворив и потребата од воведување вонредна состојба, тоа е заради поефикасно да се донесат мерки за здравјето на грааѓните и за стопанстовото на граѓаните – рече Заев.

Според него, треба да се сфати дека станува збор за сериозна здравствена криза.

– Мислам дека на сите ни стана јасно колку е сериозна оваа здравствена криза, предизвикана од коронавирусот. Верувам дека можеме да успееме и да се избориме со овој предизвик, како во минатото – рече Заев.

Заев смета дека состојбата е променета после состанокот на Советот за безбедност, односно од коронавирусот е зафатено Скопје кое може да биде главно жариште. Тој вели дека подобро е вонредна состојба, отколку кризна, бидејќи според него, клучно е да се ограничи движењето на граѓаните, да се спроведува задолжителна самоизолација, мерки кои не можат да се спроведат со воведување кризна состојба.

– После Советот за безбедност се јавија нови седум случаи. Главниот град е зафатен. Сите знаеме дека потенцијално жариште може да биде главниот град, како што сега е Дебар. Прогласувањето на кризна состојба значи цела територија на Република Македонија да стане Дебар. Значи, тоа е кризна состојба. При вакви импликации, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита за спасување, секако нема да ги даде очекуваните аспекти од безбедносен и здравствен аспект за справување со здравствената состојба на граѓаните, а тоа значи откривање, пуштање во самоизолација и третман, односно лечење на сите заразени. Вториот дел се економските аспекти. Треба да знаете дека во Уставот, јасно се дефинирани слободите и правата на граѓаните во случај на вонредна состојба, тие може да бидат ограничени. Може да се спроведе наредба да седите дома 14 дена во изолација, наредба да не смеете да се движите, итн. – објасни Заев.