фото: Игор Бансколиев

Четири месеци се обидувавме да договориме средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон, на која би се изнеле ставови за европската иднина на земјата, но не успевме да ја договориме, рече премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека и покрај блокадата за добивање датум за преговори, на Франција не треба да се гледа како на држава непријател.

– Четири месеци баравме средба со претседателот Макрон, но не ја добивме. Лобиравме и преку амбасадата, преку дипломатски врски, но немавме одговор до денес. Да, точно ми се јавија претседстели на скоро сите европски држави да ми дадат поддршка по состанокот од Брисел, но со Макрон не сум се слушнал. И покрај тоа, тој си има свое гледање и објаснување зошто не го смени ставот и порачувам дека не треба да гледаме непријател во Франција – рече Заев.

Тој кажа дека имало сигнали од Брисел дека Франција би можела да нè блокира, но до последен момент се надевал на позитивна одлука.
– Да точно е имавме најава, Европа е транспарентна и нема тука скриени игри. Но, сепак постоеше надеж дека Франција ќе го омекне ставот и ќе ги почнеме преговорите. Јас буквално ги молев во Брисел да ѝ дадат шанса на земјава, да останеме на мотивацискиот пат, да не се соочиме со оваа разочараност и горчина. Но и Франција поради свои гледања си има свое оправдување. Имаше предлог од Финска да добиеме датум, но подоцна да почнеме да преговараме, но и таа опција не се прифати. Јас искрено се надевам дека ЕУ ќе ги надмине овие свои внатрешни проблеми и ќе бидеме дел од таа приказна, затоа што заслужуваме – рече Заев.

Премиерот кажа дека Франција цело време го охрабрувала Преспанскиот договор што според него влевало надеж дека ќе ја добие поддршката.

Тој не одговори конкретно дали има некаква позадина што Македонија и Албанија биле заедно на агендата за датум за отпочнување преговори.