Договорот од Преспа е неповратен процес, од него може да се очекуваат придобивки за двете држави, за граѓаните на двете земји, а со тек на време тоа ќе го сфатат и оние кои се противат, но и опозициите во двете земји.

Ова го порача денеска премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој денеска придружуван од десетина министри престојува во историска посета на Северна Македонија.

На новинарско прашање како би се заштитил договорот во иднина, со оглед на тоа што опозициите во двете земји не го прифаќаат и двајцата премиери изразија оптимизам дека со текот на времето и оние граѓани кои се против договореното, но и Мицотакис во Грција и Мицкоски во Северна Македонија ќе ја сфатат вредноста на овој компромис. Особено тој ќе биде вистински вреднуван кога од него ќе произлезат економските бенефиции за двете држави, зголемување на трговската размена, отворање нови работни места, реализирање серија проекти.

-Немаме докази дека досега некој поништува договори, особено не договори кои носат придобивки за двете земји и двата народа. Договорот продолжува со имплементација и уверен сум дека ќе донесе само придобивки и за нас и за Грција. Уште отсега големо мнозинство од граѓаните се за Договорот и тој процент со неговата реализација ќе се зголеми до сто проценти – истакна Заев.

Додаде дека и кога опозицијата ќе стане власт и во едната и во другата земја, со текот на времето ќе постапи во согласност со договореното, бидејќи, како што рече „секој сака да го сочува тоа што е постигнато и да оди напред“.

-Во нашиот случај тоа би значело директно кажано дали опозицијата кога ќе стане власт ќе се откаже од НАТО, ќе ги врати назад работите во однос на НАТО процесот или дали ќе престане да преговара за поглавјата со ЕУ. Секој кој застанува заедно со ветерот кон поддршка на процесот може да очекува само придобивки од граѓаните на кои им служи. Уверен сум дека договорот ќе бидат поддржан во неговата имплементација и од опозициите во двете држави затоа што ќе биде поддржан од се повеќе граѓани во двете земји – рече Заев и додаде дека негодувањата на опозициите се од политички причини.

Ципрас напомена дека тој и Заев ги користеле истите аргументи во одбрана на договореното и додаде дека лидерот на Нова демократија, Мицотакис и покрај противењето на ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО со согласил дека нема да поставува прашања во однос на Договорот во иднина.

Грчкиот премиер додаде дека со самото почнување на спроведувањето на Договорот и негување на климата на взаемна доверба меѓу двете држави и нивните граѓани, како и со соодветно координирање на активности „ќе успееме да ги увериме сите во позитивните резултати од овој договор“.

-Моравме да се соочиме со лажните вести, но кога ќе успееме да ги зголемиме финансиските трансакции и да креираме нови работни места и во Северна Македонија и во Грција, да реализираме важни проекти за меѓусебно поврзување во железничкиот сообраќај, да го зголемиме приливот на туристи, да унапредуваме и промовираме важни проекти, сите постепено ќе почнат да ја сфаќаат штетата што била предизвикана во изминатите децении кога не можевме да седнеме заедно и да ги решиме нашите спорови и проблеми – рече Ципрас, нагласувајќи дека имало луѓе во Грција кои не сакале да го поддржат Договорот, но истите тие во минатото имале бизниси во соседната земја.

За тоа дали договореното се спроведува ќе има соодветен надзор. Се воспоставуваат специфички институции, кои ќе го вршат надзорот. Еден таков е експертската група, која ќе се воспостави од средината на следниот месец, а ќе биде задолжена за комерцијлната употреба на името, терминологијата, брендовите. Заев рече дека оваа група би требало во рок од три години да ги реши овие прашања или кои било други спорни.

Договорот, нагласи Ципрас, предвидува бришење на сите иредентистички пристапи, потсетувајќи дека спомениците, кои се однесуваат на античка Македонија ќе бидат одбележани дека се дел од таа историја, со што, како што рече ќе се расчисти со античкото минато и култура.

За тоа дека Договорот предизвика големо внимание од страна на меѓународната заедница, а некои го означија и како пресметка на големите сили за нивните влијанија во регионот, Ципрас и Заев на линија дека регионот и припаѓа на Европската унија, има интерес за соработка со САД, но и со Русија, Кина и сите кои сакаат да придонесат за неговата благосостојба.

Грчкиот премиер напомена дека многу време загубиле двете земји, три децении и оти сега е моментот за надминување на сите јазови.

-Да преминеме од историја на војни и наратив на поделби и да се обидеме да изградиме нов наратив, на заедничка соработка и рас – рече тој.

Цирпас, нагласи дека Грција ќе продолжи со поддршката на Северна Македонија во нејзините напори да продолжи со неопходните реформи и да стане дел од ЕУ.

Посочи дека на ниво на дипломатски односи создале амбасади и ќе ги заменат контакт точките што досега ги имале.

– Пред неколку месеци Грција беше првата држава што го ратификуваше Пристапниот протокол за вашата држава кон НАТО, а денеска потпишавме Меморандум за разбирање и унапредување на претпристапните и пристапните процеси на Северна Македонија во ЕУ, порача Ципрас, кој е во прва официјална посета на Скопје, на прес-конференција со премиерот Заев.

Нагласи дека најважното прашање на денешната средба била економијата, зошто, како што рече, мора да забрзаме и ги премостиме јазовите од минатото, како и да избегнеме двојно оданочување.

Премиерот Заев од своја страна потсети дека првпат во историјата грчки премиер е во посета на земјава, истакнувајќи дека оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.

– Од 17 јуни минатата година кога нашите две земји го потпишаа Договорот од Преспа пишуваме историја во неколу наврати. Грција е првата земја што го потпиша Протоколот за членство во НАТО, што е наш стратешки стремеж, а премиерот Алексис Ципрас упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Сето тоа е за победа на политиката на напредок, за мир и пријателство меѓу народите – рече Заев по средбата со Ципрас.

Посочи дека политичката волја, пријателството и довербата изградена во изминатите месеци, не доведоа до денешната седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, каде што го потпишаа Акцискиот план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа.

Повеќе меморандуми за соработка беа потпишани денеска меѓу министрите на двете земји за унапредување на соработката во различни сфери, а попладнево се одржува бизнис форум на кој 400 стопанственици од двете земји ќе ги зајакнат врските.