Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда на средбата денеска со премиерот Зоран Заев му честиташе за постигнатиот договор со Грција, посочувајќи дека по неговото потпишување чувството на меѓународната заедница е дека двете земји се големи пријатели.

Како што соопшти владината прес-служба, истакнувајќи дека Јапонија секогаш била голем пријател на Македонија, премиерот Заев посочи дека особено ја цени поддршката што оваа земја во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.

– Имавме храброст со Грција да најдеме решение и да ја отвориме иднината, пред сѐ, за младите генерации кои доаѓаат. Со тоа и на светот му покажавме дека Македонија има демократски капацитет и волја за решавање на проблемите. Претстојниот референдум впрочем е највисокото ниво на демократија. Граѓаните се исправени пред тешка одлука, но верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука за својата и за иднината на своите поколенија – потенцираше премиерот Заев.

Амбасадорката Ханеда, од своја страна, се наведува во соопштението, нагласи дека Јапонија и натаму ќе ја поддржува Македонија во евроатлантските аспирации и ќе продолжи да го помага развојот на земјата во разни области.