Со цел унапредување на спортските политики и улогата на државата во спортот и спортот во државата, со фокус на елиминирање на сите девијантни појави во спортот, како допингот, хулиганството, насилството и криминалот, денеска во Владата се одржа конференцијата „Спортот за државата, државата во спортот“, во организација на Асоцијацијата на спортски новинари, Македонскиот олимписки комитет со поддршка од Агенција за млади и спорт.

-Активно спроведуваме политики во таа насока. Како никогаш досега, покрај постоечките финансиски средства, Владата во 2020 година вбризгува дополнителни четири милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем, со што вкупната финансиска поддршка ќе изнесува 10 милиони евра – рече премиерот Заев.

Тој упати апел до сите бизнисмени и приватни компании во државата да ја искористат можноста да си купат ваучер наместо да платат данок на добивка до 50 проценти од својата добивка, за да го помогнат спортот со пари што инаку повторно ќе ги платат во државниот буџет.

Како клучен проект во делот на спортската инфраструктура, премиерот Зоран Заев ја истакна изградбата на Домот на спортови во општина Аеродром.

За решавањето на еден од најголемите проблеми со спортските сали и враќањето на салите назад кон спортистите и граѓаните, кон општините и спортските федерации, премиерот Заев рече дека со тоа се исправа децениска неправда, и по долгогодишните лавиринти и манипулации со спортските објекти, тие повторно се ставаат во функција на спортистите и граѓаните.

На крајот, Заев потврди дека се прават анализи и се согледуваат најдобрите модели за да се овозможи на спортистите како најголеми амбасадори по завршувањето на кариерата да бидат третирани онака како што доликува.

-Нашите ветерани ќе добијат повластени услови за пензиско и здравствено осигурување и пензија, приход или плата којашто мора да биде обезбедена – истакна премиерот.