Премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Тереза Меј со посебен гест ги покани премиерите на Република Македонија Зоран Заев, и на Република Грција Алексис Ципрас, заедно со неа на посебна фото сесија, како придонес во сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која посебно место доби договор за македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, кој беше потпишан на 17 јуни во Преспа.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев на сесијата истакна дека договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, всушност, е најдобриот придонес за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите.

– Што е, ако не е пријателство, кога се грижите со истата посветеност за интересите на вашиот политички партнер, како и за своите? Што е, ако не е пријателство, кога ви станува најважно да создадете атмосфера во која најотворено ќе се разговара за прашања за кои преовладувал став дека нема решение? Кога ви е најважно таквата пријателска атмосфера да ја негувате како еднакво важна како и решението кон кое стремите. Низ целиот процес инсистиравме дека ние не зборуваме за црвени линии. Си рековме едни со други дека црвените линии се ограничувачки. Се согласивме дека, доколку ги има, ќе не ограничуваат, ќе бидат закана за храброста. Црвените линии ве ставаат во кутија. Ние рековме – нема да го ставиме процесот во кутијата на црвените линии. Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис- истакна премиерот Заев.

Тој, се посочува, додаде дека со овој договор е ставен крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид, што ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, и создаваше неизвесност за нашата иднина.

Премиерот Заев потенцираше дека тој, премиерот Ципрас, министрите за надворешни работи Коѕијас и Димитров, членовите на владите на дверет земји, заедно со соработниците и со поддршката на Обединетите Нации, на Европската Унија и со поддршката и на заедничките стратешки пријатели, тргнаа во одлучни чекори за решение на ова прашање, кое ќе биде достоинствено и прифатливо за двете страни.

– Со премиерот Ципрас избравме да оставиме решенија, како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества, а не за нас, и за нашите политички партии. Такви се лидерите на Европа. Што ќе беше Европа денес ако не беа лидерите кои на политичката сцена излегуваа траги за паметење, траги заради кои ние денеска ги уживаме плодовите на нивното визионерство? Што ќе беше Европа денес ако на политичката сцена излегуваа самобендисани и самодоволни, кусогледи политичари, без визија?“- нагласи премиерот Заев.

Тој изрази благодарност за континуираната поддршка што на овој процес му ја даваа лидерите на земјите членки на ЕУ, поддршката на лидерите на ЕУ, и за поддршката на лидерите на нашите соседи и пријатели од Западен Балкан.

– Балканот може, Балканот испорачува, Балканот е новата надеж на Европа, Балканот е Европа. Ние денеска слободно можеме да го кажеме тоа со потполно право. Ајде, наместо разлики и делби, на сцената да ги повикаме заедничките интереси и вредностите што не обединуваат. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наш заеднички приоритет и стратешка цел и одиме заедно со нашите амбиции за интеграција во ЕУ- истакна премиерот Заев.

Македониот премиер ги повика земјите од Западен Балкан да се обединат околу регионалната соработка и околу фактот дека историјата е значаен дел од нашите идентитети, но никогаш не може да го заземе местото на нашата иднина.

На сесијата „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, на која се обрати премиерот Заев, лидерите на ЕУ и на Западен Балкан беа едногласни дека храброста на премиерите Заев и Ципрас е модел за решавање и на најсложени билатерални прашања и дека тие и понатаму ќе имаат голема поддршка во имплементацијата на договорот од Преспа.