Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, оствари проштална средба со амбасадорот на Сојузна Република Германија во земјата, Томас Герберих.

На средбата Заев истакна дека е голема чест тоа што го имавме Герберих за амбасадор на нашиот голем пријател и партнер Германија во изминатите три години кога, како што рече, е постигнат голем напредок на сите полиња и достигнати се значајни успеси, кои ја променија сликата за државата и во државата.

– По само три години од доаѓањето на власт на СДСМ, државата стана 30-та членка на НАТО и доби одлука за почеток на преговорите за членство во Европската Унија по 15 години во чекалницата. Во овие три години се забележа видлив раст во економијата, видливо подобрување на заштитата на слободите и правата на граѓаните, подобрување во судството и во борбата против корупцијата, решавање долгогодишни спорови со соседите во интерес на сите. Во изминатите три години направивме многу, но свесни сме дека имаме уште многу напорна работа пред нас. Сепак, со пријатели како Германија сигурни сме дека ќе успееме во нашиот пат кон развој, напредок и членство во Европската Унија – порача Заев.

Изминатите години во посета беше и канцеларката Ангела Меркел на Скопје во септември 2018 година, а и претседателот Заев беше во Берлин по покана на канцеларката.

Заев се заблагодари на личниот ангажман на амбасадорот Герберих за сите овие успеси додавајќи дека нашиот народ многу ја цени помошта што Германија постојано ѝ ја дава на нашата држава, а особено затоа што помошта несебично продолжува и во денешните тешки услови, во услови на пандемија на вирусот ковид-19.

Од страна на претседателот на СДСМ беше потенцирана можноста за уште поголема соработка на Македонија и Германија во економијата и отворање уште повеќе можности за инвестирање на германските компании во нашата земја.