Неколку илјади поднесени амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на законите за Академијата на судии и јавни обвинители, за јавнообвинителската служба и за измена на Изборниот законик, испраќаат нечесна и недржавничка порака, рече премиерот Зоран Заев во изјава за медиуми која ја даде по означувањето на стартот за проширувањето на скопскиот булевар „Никола Карев“.

Во врска со поднесените неколку илјади амандмани на измените на Изборниот законик за формирање една изборна единица, Заев истакна дека од ваквите измени најмногу ќе изгубат големите партии, како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но ќе добие државата.

– Ќе добијат сите партии, и со етнички предзнак и помалите партии, ќе добие демократијата. Поднесените 9.000 амандмани значат блокирање на овој процес и страв дека ќе има оформено мнозинство во Собранието да се донесе новиот изборен модел – кажа премиерот.

За поднесените 5.000 амандмани од владиниот коалициски партнер ДУИ по однос на изборните промени, Заев рече дека тоа е сериозна причина за размислувања што ќе ги отвори СДСМ.

Прашан дали е можна нова коалиција, Заев само повтори дека ќе има сериозни размислувања.