Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска по средбата со претседателот на опозициското движење Беса изјави дека разговарале за неколку предлози за можен заеднички претседателски кандидат на претстојните избори за претседател на државата.

– На средбата со Касами и неговата придружба го презентиравме нашето барање за заеднички настап на изборите, преку детална анализа и поддршка на кандидат, име кое што е прифатливо за сите заради вредноста што ја добиваат сите граѓани и Република Северна Македонија, да се изнајде личност која ќе биде претседател на сите граѓани, добар претседател во духот на она што е иднината на земјата, а тоа се брза интеграција во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ, но и секако за актуелните прашања како што е економијата – реформите и слично, рече Заев.

Тој додаде дека од Беса, како опозициска партија, оставиле можност и за самостоен настап за што, вели, има разбирање и оти ги разгледуваат сите варијанти.

– Верувам дека не е невозможно, дека може да се стигне со поддршка на едно име кое без разлика дали е жена или маж, зад кое би застанале сите граѓани, а со тоа и ние политичките субјекти би земале свој став за негова поддршка како кандидат за претседател на државата. Но, секако, одлуките ќе се носат врз основа на имињата, врз основа на личностите кои, согласно анализите што веќе постојат во државата, а ги прават скоро сите субјекти, ќе дадат добар аргумент за заземање на став прво концепциски дали се застанува зад заеднички кандидат, а секако потоа и другите алтернативи – рече Заев, изразувајќи став дека е добро тоа што го прават и дека има големи шанси многу политички субјекти во државата да застанат заедно зад заеднички кандидат.

На новинарско прашање кога да се очекува конечната одлука за изборот на конкретниот кандидат, Заев рече дека за тоа како партија одлуката треба да ја донесат пред конгресот, односно следната недела. Тој не сакаше да коментира кој е поприфатлив кандидат за албанските партии и посочи дека сублиматот од сите анализи ќе го изнесат на површина идниот претседател на Република Северна Македонија.