Вториот дел од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името предвидува интензивирање на соработката меѓу Македонија и Грција од што бенефити ќе имаат стопанствениците од двете држави.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на средбата во Гевгелија со стопанственици од Југоисточниот регион, Бугарија и Грција, а на која присуствуваше и грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис.

– Овој регион е многу важен бидејќи партиципира сериозно во вкупниот БДП, трговската размена, извозот и увозот којшто Македонија го има. Потенцијалот којшто го отвораме после успешниот референдум е уште поголем. Грција е втор најголем трговски партнер на Македонија, после Германија. Мене ми е многу драго што уште во најава на имплементацијата на Договорот веќе бројките покажуваат сериозно следење од страна на бизнис заедницата на трендот на раст на тоа пријателство и партнерство. Голем дел од фирмите од Македонија и Грција се партнери, со мешовит капитал, пријателството отвора сериозни перспективи -подвлече Заев.

Посочи дека во првите седум месеци од годинава трговијата меѓу Македонија и Грција изнесува 489 милиони евра за разлика од претходно кога била 419 милиони евра. 

Како проект којшто ќе обезбеди дополнителна работа за приватните компании, Заев го спомена договорот со Грција за гасификација на Југоисточниот регион, како и средствата за прекугранична соработка обезбедени од ЕУ.

Тој повтори дека Македонија нема друга перспектива освен зачленувањето во ЕУ и НАТО, акцентирајќи дека со отворањето на граничните премини на бизнисмените од регионот ќе им се отвори европскиот пазар што ќе обезбеди економски развој, повисоки приходи за граѓаните, поголеми инвестиции и нови работни места.

Грчкиот амбасадор изрази уверување дека заедничката соработка меѓу двете земји уште повеќе ќе се интензивира откако ќе се реализира Договорот потпишан во Преспа. 

На средбата е разговарано за конкретните начини за поддршка на бизнис проекти и е поздравена иницијативата за погранична соработка меѓу стопанствениците од Македонија и од Грција.  

Претставниците на деловната заедница, како што соопшти владината прес-служба, изразиле поддршка за реформските политики во земјоделството, енергијата, животната средина, индустријата, инфраструктурата, инвестициите, туризмот, трговијата и транспортот.