Премиерот Зоран Заев, денека се обрати на работната средба во организација на Државниот завод за статистика (ДЗС), со општинските градоначалници со цел успешно спроведување на претстојниот попис на населението.

– За нешто повеќе од два месеца нашата земја ќе ја спроведе најважната статистичката операција – попис. Инсистирам на терминот ‘статистичка операција’ затоа што со законските решенија пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно стандардите на Обединетите Нации и Евростат. Со неговото успешно спроведување конечно ќе ги исправиме и последиците кои ги предизвика огромната, недозволива пауза од 20 години од последниот релевантен попис – нагласи премиерот.

Веднаш потоа тој се осврна на најавата за бојкот на пописот од страна на опозицијата.

– Освен што е правно недозволив, бојкотот носи само конфузија меѓу граѓаните, сериозна штета за државата и ништо добро, ништо позитивно. Повикот за бојкот е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја која нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект – посочи Заев.

Според него, таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот.

– Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за пазарот, за потрошувачките навики – кажа премиерот и ја повика најголемата опозициска партија да се приклучи на оваа статистичката операција и како што кажа, одговорно да ја исполни својата задача и улога во татковината.

Заев нагласи дека пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во земјата, туку опфаќа многу сегменти, факти, податоци, бази од кои може да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.

– Важно е да се утврди точниот број на населението во земјата, не само вкупниот, туку и во секој плански регион, во секоја општина, населба… Но исто толку важно е и да ја добиеме целосната слика по сите основи – на која возраст ни е населението, со какво образование, со какви квалификации, местото на живеење. Или на пример кога се во прашање домаќинствата, живеалиштата, становите, пописот ќе ни даде одговор колку од зградите во кои живееме се енергетско-ефикасни, дали имаат пристап за лица со попреченост, колку од домаќинствата се греат на дрва, колку на струја, колку на парно – посочи премиерот и нагласи дека пописот е и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ.