Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со секретарот за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со амбасадорката на САД, Кејт Брнс.

На средбата се разговараше на повеќе актуелни теми, како што се организирањето фер и демократски избори, процесот на реформски процес, како и процесот на интеграција во НАТО и ЕУ.

Заев изрази благодарност до амбасадорката Брнс за поддршката што САД континуирано ѝ ја даваат на Македонија во градењето модерно демократско општество, како и во процесот на реализација на нашите стратешки интереси поставени уште од независноста.

– Цениме што Сенатот на САД веќе го ратификува протоколот за членство во НАТО. Владата веќе го достави протоколот во Собранието и тој ќе биде усвоен пред распуштањето на парламентот, а ќе се ефектуира кога ќе биде усвоен од страна на парламентот во Шпанија. Во зависност од динамиката во Шпанија, очекуваме полноправното членство официјално да биде заокружено напролет – истакна претседателот Заев.

Осврнувајќи за на процесот за организирање избори и за работата на преодната Влада, претседателот Заев порача дека државата досега во последните неколку изборни циклуси, како локалните во 2017, претседателските во 2019 и референдумот во 2018 година, покажала дека може да организира чисти, фер и демократски избори и дека верува оти тоа ќе биде случај и со предвремените избори на 12 април.

– Преодната Влада беше формирана во согласност со политичкиот договор, законските рокови и уставните услови, без никакви проблеми. Ова е доказ дека нашиот политички и институционален систем функционира многу добро. За изборите на 12 април власта и опозицијата имаат заедничка одговорност. А особено опозицијата имајќи предвид дека го раководи МВР како институција од исклучително значење во спроведувањето слободни, фер, демократски и успешни избори – посочи Заев.

Амбасадорката Брнс истакна дека Македонија е стабилна на својот пат кон полноправно членство во НАТО и ЕУ и дека треба да продолжи посветено со реформите што се во интерес на граѓаните. Брнс изрази уверување дека на 12 април ќе се одржат фер, демократски и слободни избори, на кои ќе се почитува изборната волја и уште еднаш ги реафирмира ставовите дека САД остануваат силен стратешки сојузник на нашата земја.