Во срдечна и пријателска атмосфера вечерва се одржа средбата меѓу претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас, кој е во нашата земја на покана на угледниот магазин „Економист“ како еден од главните говорници на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“ што се одржува во Скопје, соопштија од прес-службата на Владата.

Двајцата соговорници на средбата разговарале за придобивките од Преспанскиот договор и нагласиле дека договорот ја заслужува севкупната поддршка од двете земји.

-Решението постигнато со договорот потпишан во Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји и создаде нова, позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот, заклучија премиерот Заев и поранешниот грчки премиер Ципрас.

Низ разговорот било констатирано дека од 17 јуни минатата година соработката меѓу двете земји се продлабочува, откако беше поставена на темелите на договорот за ново пријателство и стратешко партнерство.

-На средбата Заев и Ципрас констатираа поголем број придобивки како што е зголемената трговска размена за 20 отсто за само една година, покренатите постапки за нови гранични премини меѓу двете земји, блиската соработка во сферата на одбраната како дел од заедничките политики што произлегуваат од НАТО, во делот на безбедносната контрола на небото над Северна Македонија (Аir Policing), како и зајакнувањето на соработката во повеќе други области – се вели во соопштението.