Освен иницијатива Уставниот суд да се произнесе за непотпишувањето на законот за јазици од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов постојат и други опции кои правни експерти му ги посочиле на премиерот Зоран Заев, но како што посочи тој денеска, не му биле изнесени заради тоа што тие мора да имаат извесност во решавањето.

– Целта е конечно Парламентот да си ги знае своите надлежности и тоа што го работи да има свој импакт, претседателот исто така. И тука буквално со одлуката на претседателот да не го потпише законот е блокирана надлежноста на Парламентот. И сега ние можеме да бидеме две спротивставени страни, можеме да бидеме политички различни, но не смееме да дозволиме ниту една институција да биде блокирана – рече Заев, одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Од тој аспект, додаде дека инцијативата пред Уставен има извесно решение, со цел да се разграничат надлежностите и да дадат упатства за решавање на ситуацијата.

– Правниците кои работат пред се во Собранието, но и дел овде во Владата разработуваат и други механизми на решавање на овој проблем, бидејќи функционална демократија, функционална држава значи и изнаоѓање решение на вакви преседани или случаи, како што е непотпишувањето по трето гласање на законот за употреба на јазиците – додаде Заев.