Премиерот Зоран Заев, на почетокот на вчерашната собраниска седница, на која требаше да биде изгласана реконструкција на Владата, објави дека го повлекува предлогот тој да биде назначен и за министер за финансии. Уставот и Законот за Влада, како што објасни, дозволуваат премиерот да биде и министер, но сепак, поради дилемите што се отворија во јавноста, тој го повлекол предлогот, а до именувањето нов министер, ќе раководел со ресорот.

– По тоа што го истакнаа опозицијата и антикорупциската комисија, му дадов налог на кабинетот да пушти текст за повлекување на предлогот за мое назначување за министер на таа функција – објасни Заев.
Тој сепак не го повлече предлогот да биде разрешен досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски, a во своето обраќање во Собранието не објасни зошто ги разрешува Тевдовски и другите министри.
– Ова е втора реконструкција на Владата. Досега се направени промени во осум министерства. Предлозите за нови министри ќе бидат во функција на храбрите чекори што ќе ги презема Владата во социјалата, платите, пензиите… – рече, меѓу другото, Заев.

По неговото воведно обраќање, остро реплицираа некои од пратениците од опозицијата, особено поради првичната намера тој да биде и министер за финансии.
– Белизе е единствената земја во светот каде што премиерот е и министер за финансии, но овој премиер е најспоменуван за криминал и корупција – кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
На тоа Заев одговори прашувајќи од каде на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ им е познато што се случува во земјата, која, како што рече, важи за даночен рај.
Во однос на досегашната работа на Владата, Заев се осврна на договорите со Бугарија и со Грција, нагласи дека земјава од Европската комисија добила најчист извештај за напредокот досега и дека верува оти заслужува датум за преговори со ЕУ. Тој изрази задоволство од досегашната работа на Владата и уверуваше дека државата се движи по вистинскиот пат.

Седницата на Собранието, на чиј дневен ред е предлогот за избор на нови членови, продолжи и во попладневните часови.
Во материјалот што Заев претходно го достави до претседателот на Собранието, Талат Џафери, Трајан Димковски е предложен за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа и Садула Дураку за политички систем и односи меѓу заедниците. П.Р.