Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и владина делегација, вчера, бил домаќин на делегација на Република Бугарија, предводена од министерката за регионален развој и урбанизам Петја Аврамова. На средбата, која се одржала во Владата, премиерот Заев истакнал дека две години по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија е постигнат значаен напредок во соработката меѓу двете земји во повеќе сектори и е зајакнат политичкиот дијалог. Истовремено, тој се заблагодарил за големата поддршка што Република Бугарија ни ја дава на нашиот пат за зачленување во НАТО и во Европската Унија.

– Владата на Северна Македонија е посветена на интензивирање квалитетна и модерна патна мрежа, инвестираме во водоводните системи како значајни проекти за заштита на животната средина и обезбедување поквалитетен живот на граѓаните. Вложувањата се поттик за економски развој и соработка со соседите во сериозни инвестиции во областа на земјоделството, рударската индустрија и други сектори – кажал премиерот Заев.

На средбата била истакната посветеноста на двете страни за реализација на проектите што се од особено значење за меѓусебната поврзаност, со фокус на Коридорот 8, како и подобрување на прекуграничната соработка на двете земји со поддршка на фондовите од Европската Унија.

Во рамките на посетата на бугарската делегација бил потпишан меморандум за соработка меѓу овдешното министерство за локална самоуправа и Министерството за регионален развој и урбанизам на Бугарија. Меморандумот се однесува на подобрување на политиката за прекугранична соработка и локална самоуправа и за зајакнување на институционалните капацитети на ресорните министерства за спроведување на европските политики и проекти.
П.Р.