Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нина Ангеловска и Хисен Џамаили како идни министри ќе бидат сериозно засилување на владиниот капацитет, особено во овој период, во кој се очекува интегрирање во ЕУ и во НАТО, ги објасни вчера пред пратениците премиерот Зоран Заев последните измени во Владата, на што опозицијата одговори со критики и со барање тој да поднесе оставка.

Станува збор за избор на Нина Ангеловска за министерка за финансии и на Хисен Џемаили за министер без ресор, како и на Кирил Колемишевски за заменик-министер за економија, Елизабета Наумовска за заменик-министерка за образование и за Неџад Мехмедовиќ на втората позиција во новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

– Со ова испраќам порака до младите, до успешните студенти, до оние што се докажале во практиката дека може да го најдат своето место во државата, па дури и на вака високи позиции – рече, меѓу другото, премиерот Зоран Заев.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ направи компарација со состојбата во времето на владата предводена од неговата партија по објавувањето на таканаречените бомби и сегашната состојба по објавувањето на аферата „Рекет“.
– Ајде да ја следиме Австрија, блиску ни е. Се појави една единствена снимка за заменик-претседател на Владата, државата отиде на избори. Господине Заев, време е вие лично да поднесете оставка. Не мора тоа да го поврзете со ваша лична морална и политичка одговорност, но за доброто на државата, време е оваа политичка агонија да заврши – констатира пратеникот Димовски. П.Р.