Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на Свечената академија по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор, насловена „По Охрид“, во кое истакна дека одбележуваме значајна годишнина од договорот со којшто беше обезбедена мирната иднина и натамошната демократска изградба на Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.

– Охридскиот договор, којшто беше потпишан во партнерство со Европската Унија, САД, НАТО и ОБСЕ, стави крај на конфликтот и можеме слободно да кажеме дека е гаранција на мирот, а подоцна го надградивме и унапредивме создавајќи заедница во која граѓаните имаат соживот и меѓусебно почитување и толеранција, заедница во која граѓаните имаат исти или слични визии за подобро утре – изјави Заев во рамки на панелот, на кој се обратија и претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, поранешниот генерален секретар на НАТО, лордот Џорџ Робертсон, и поранешните премиери Хари Костов и Владо Бучковски.

Според него, Охридскиот рамковен договор ја испратил и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други граѓани.

– Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни – Татковина. Охридскиот рамковен договор донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, а не ги рушат. Политики коишто ги сплотуваат граѓаните, а не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината, во нашиот заеднички евроатлантски дом, заедно со другите народи – истакна премиерот Заев и посочи дека концептот за „Едно општество за сите“ е со силна база и создадовме граѓанска држава со еднакви услови за сите кои живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други заедници.

Заев подвлече дека како држава ги презедовме сите неопходни мерки за градење интегрирано општество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, вклучително и малцинските права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, отворена и современа држава која развива интензивна регионална соработка, земја лидер на Западен Балкан.

– Нашата земја гради зрели политики. Наместо конфликти, разговараме за унапредување, за економски напредок во нашата земја и унапредување на добрососедските односи. Заедно со нашите соседи, создаваме „Отворен Балкан“, надминувајќи ги сите препреки и ослободувајќи ги сите идеи за слободно поврзување на сите наши граѓани – наведе премиерот Заев и додаде дека „После Охрид“  една од најважните придобивки е дека низ дијалог си го организираме животот, заедно, посветени на секоја индивидуа, на секое семејство, на секој граѓанин со комплетната тенденција да постигнеме еднаквост која ќе ги зајакне солидарноста, меѓусебното почитување и помагање.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во своето обраќање истакна дека Охридскиот рамковен договор донесе рамнотежа да се живее заедно и да живее еднакво.

– Само еднаквите можат да живеат заедно. Оваа рамнотежа во општеството ја наоѓам од сите познати политички системи на државен поредок само во демократијата, каде што вредноста и достоинството на секој човек се препознаваат, секој е еднаков, мнозинството предводи со права за сите, компромисот и индивидуалната слобода се вреднуваат.  И токму тука ја наоѓам суштината на еднаквоста, во демократијата – истакна првиот заменик-претседател на Владата Груби.

Тој наведе дека ниту една заедница, ниту еден граѓанин не загуби од овој балансиран однос, но сите заедници, сите граѓани имаа корист и најголем победник е нашата заедничка земја, од земја во војна, во земја членка на НАТО и со зелено светло за членство во Европската Унија.

– Денес, драги пријатели, заедно со моите колеги, правиме напори да ја интегрираме нашата заедничка земја во Европската Унија и работиме да го направиме подобар животот за сите наши граѓани, без ниту една единствена разлика. Нашиот предизвик „После Охрид“ е владеење на правото, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, прифаќање на разновидност и вклученост, кредибилни демократски институции и квалитет на живот преку прифаќање на зелената агенда – истакна Груби и дополни дека „да не беше Охрид, немаше да ја биде Преспа, ако не беа и двете, немаше да го имаме НАТО, но не смееме да застанеме тука и мора да смогнеме сила да го спроведеме и третиот договор со истата храброст и посветеност што ја запечатува нашата европска иднина“.