Премиерот Зоран Заев пристигна во Тирана на Состанокот за унапредување на соработката на земјите од Западен Балкан.

На оваа трета сесија од серијата состаноци, после Нови Сад и Охрид, чиј домаќин е албанскиот премиер, Еди Рама, покрај Заев ќе учествува и српскиот претседател, Александар Вучиќ.

На аеродромот во Тирана премиерот Заев го пречека министерот за земјоделство и рурален развој во албанската влада, Бледи Чучи, а првата, неформална средба, лидерите ја одржаа доцна попладнево.

Премиерот Заев, заедно со останатите лидери, вечерва ќе го проследи концертот „Никогаш нема да бидеш сам/а“, како донаторски настан за реконструкција на штетите од земјотресот од 26 ноември годинава, што го погоди градот Драч и други населени места во Албанија.

Централните активности започнуваат утре со работната сесија на лидерите на земјите од Западен Балкан, по што ќе следува и пленарната сесија на која учество ќе земат и претставниците на политичките и финансиските институции на ЕУ, од Светска Банка, од Советот за регионална соработка (RCC), како и претставници на Стејт Департментот на САД.

За заклучоците од оваа сесија на иницијативата за унапредување на соработката на Западен Балкан, лидерите ќе информираат на прес-конференцијата во недела која ќе се одржи како завршница на средбата.

Како дел од програмата, учесниците на состанокот во Тирана ќе го посетат Драч како израз на поддршка на граѓаните кои беа погодени од трагичните последици на земјотресот.