Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите членови на преодната влада да покажат одговорност во спроведувањето на фер и демократски избори, изјави досегашниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изразувајќи верба дека новите министри коишто се на предлог на опозицијата ќе ја вршат совесно и солидно својата работа.

Зошто овој просперитет и прогрес да не го искористиме за да го унапредиме растот да биде уште поголем? Верувам дека професионално ќе ја извршуваат својата работа, на крајот окото будно на јавноста е присутно а слободата и демократијата се вгнездени во нашата земја а и верувам дека под окото на граѓаните на коишто служиме и за коишто постоиме сите министри својата функција сериозно и посветено ќе ја извршуваат. Секако најважно е сите заедно да ги земат своите права, пред се и одговорности за организирање слободни фер и демократски избори како што ни приличи на земја којашто е во очекување да добие датум за преговори, на членка на НАТО и верувам дека тоа сите заедно можеме да го постигнеме, рече Заев.

Запрашан дали има некои закони коишто треба да бидат завршени до 12 февруари додека да се распушти Собранието, рече дека има повеќе и очекува Парламентот низ дискусија и дебатаи без опструкции да ги донесе.

– Има многу важни законски процеси, прво мене ми е драго и сум благодарен на Парламентот како досегашен претседател на Владата за донесувањето на законите коишто имаат импакт или реализација од први јануари за да може да течат сите овие процеси, за да може Фондот за пензиско да ги калкулира новите пензии, новите плати коишто се покачувани во многу други дејности во државата да може да тргнат субвенциите за покачувањето на платите, на минималната плата овој месец ќе се исплати за декември. Сето тоа беше многу важно но и многу други законски решенија сега остануваат на крајот на јануари и почетокот на февруари што треба да се донесат. Не би ги набројувал заради тоа што секој од законите некои педестина, сите имаат своја важност. Не знаеме дали е поважен законот за матична евиденција за дечињата да добијат документи а со тоа да се регистрираат во училиштата или е поважен Законот за конечниот Договор за ратификацијата на Анексот 4 на Кичево – Охрид, за да може градежната механизација и оператива да работи за на пролет првата делница во низината да може да биде пуштена во употреба. Се е важно од законските решенија, но верувам дека Парламентот низ дискусија и дебата ќе ги донесе без било какви опструкции заради тоа што на крајот одговорноста е пред граѓаните. Секако без се се може но убаво е овие закони да ги имаме донесено, за да може како што реков на почетокот да не застане ниту еден процес, темпото на реализација да биде уште подобро од 2019 година. Имавме прилика да ги соопштиме бројките, капиталните инвестиции се реализирани 78 отсто и сум среќен, имајќи во предвид дека минатите години не беа така добри. Во таа реализација буџетот е наплатен некаде околу 98 отсто приходите во буџетот се зголемени за 8,2 отсто во споредба со предходната 2018 година, без зголемување на даноци или било какви такси, значи сериозен доказ за раст и развој и раст на нашата економија, расте економскиот стандард на граѓаните и не треба да бидеме несериозни ова да го пропуштиме. Навистина треба да го туркаме до самиот крај – истакна Заев.