фото Маја јаневска-Илиева

Очекувам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат волјата на граѓаните на референдумот, во спротивно ќе употребиме друга алатка, предвремени парламентарни избори веднаш, најави вечерва премиерот Зоран Заев, обраќајќи се по завршувањето на гласањето на референдумот.

– Граѓаните и институциите денес спроведоа мирен референдумски ден.
Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од Европа – рече Заев.

Тој додаде дека одлучуваат тие што излегоа да гласаат, а волјата мора да се почитува од сите.

– Имавме успех за демократијата и успех за европска Македонија – рече Заев, при тоа додавајќи дека без разлика од бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, голем број од оние што гласале го избрале европскиот пат на Македонија.

– Сега волјата на оние што гласале треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом – порача Заев.

Според него, ако навистина има огромно мнозинство што гласале „за“ од излезените, тогаш, како што рече премиерот, јасна е иднината.

– Да ги забрзаме процесите за конечно членство на земјата во НАТО и ЕУ – рече Заев, при тоа додавајќи дека Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО.