Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека е сѐ уште рано да се зборува за реконструкција на Владата и оти прво треба да бидат завршени разговорите за зголемување на парламентарното мнозинство. – Не сме дошле дотаму. Јас реков дека до крајот на месецов ќе разговараме за зголемување на парламентарното мнозинство. Ред е прво да видиме за колку ќе порасне и ако порасне тоа парламентарно мнозинство, следна фаза би биле комбинаториките околу кадровските и персоналните решенија. Навистина сѐ уште е рано за тоа – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на вчерашното рочиште за „Поткуп“.

Инаку, разговорите за проширување на парламентарното мнозинство се водеа и во текот на викендот, а целиот процес, како што претходно најави Заев, треба да биде заокружен на крајот на месецов. Заев претходно рече и дека има поддршка од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за зголемување на владејачката коалиција. – Неопходно е проширување на парламентарното мнозинство со нови коалициски партнери поради сериозните прашања што претстојат и за поефикасна работа на Собранието и на пратениците – објасни Заев.