Премиерот Зоран Заев не го искоментира исходот од средбата со Африм Гаши, по четиричасовниот состанок во Клубот на пратеници.

Заев прв излезе по завршување на разговорите, но не кажа дали постигнале договор.

– Имавме конструктивна средба. Прес-службата на Владата ќе ги сподели сите информации – кратко кажа Заев по средбата.

Претходно, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, кажа дека најважно е да се совпаднат концептите, а потоа ќе се разговара за ресорите.

– Ние сме кажале дека тоа е интерес на сите граѓани, да нема брзи избори. Нормално за такво нешто нема гаранција, бидејќи секогаш можат да се соберат 61 пратеник и да одлучат да се распушти Собранието. Сакаме Влада која до 2024 година ќе ги отвори преговорите со ЕУ и ќе направи напредок или да бидеме членка на ЕУ или да бидеме при крај – кажа Гаши.