Преседателот се бира на непосредни избори на кои гласаат граѓаните и не се договара партиски. Тоа е невозможно, изјави премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на прашањето како ја коментира изјавата на коалициониот партнер ДУИ, односно дека Али Ахмети во изборната кампања изјавил оти следното што ќе го реализира е Албанец да биде претседател на државата.

– Тој момент ќе сакам да го дочекам  да бидам жив и здрав, а и сите ние, што ќе значи афирмација на личност. На граѓанин пред се, и како граѓанин, без разлика на својата етничка определба, да помине кај граѓаните кои што најмалку 50 отсто од Македонците, 50 отсто од Албанците, 50 отсто Србите, Власите, Ромите, од Бошњаците и сите кои што живеат во нашата земја би го гласале тој претседател – рече Заев.

Тој додаде дека тоа е добра амбиција за да се алудира кон македонското гласачко тело или неалбанското гласачко тело.

– За ваква амбиција на ДУИ треба и мнозинство гласање од неалбанското гласачко тело – рече премиерот.