Португалскиот предлог за Македонија е одлична појдовна основа за постигнување договор со Бугарија, изјави премиерот Зоран Заев, додавајќи дека е задоволен од креативноста на португалското претседателство за да се се изнајде решение меѓу двете земји, со цел да се одржи првата меѓувладина конференција до крајот на јуни. Тој додаде дека очекувањата сепак треба да бидат приземни, бидејќи Бугарија се уште има техничка влада.

– Тоа за нас е одлична појдовна основа за постигнување на договор. Кога велиме за нашите страни ги знаете – македонскиот јазик и македонскиот народ и идентитет се нешто за кое што не сакаме документ да погледнеме, а не предлог. И тоа им е јасно на сите. Впрочем, кога разговараме и со соседите, со Бугарија зборуваме дека и тие ја прифаќаат реалноста на македонскиот народ и македонскиот јазик, но важно е како се формулираат самите ставови – истакна Заев, одговарајќи на новинарски прашања по увидот во реконструираното одделение во Комплексот на Клиниката за торакална хирургија „Мајка Тереза“.

Премиерот не откри повеќе детали за португалскиот нонпејпер, посочувајќи дека треба да се биде внимателен во образложувањето на самиот документ. Заев нагласи и дека планот денеска е споделен на увид меѓу сите стручни служби внатре во МНР.