Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со Ендру Пејџ, директор за Западен Балкан во британското Министерство за надворешни работи, придружуван од Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.

Директорот од британското МНР за Западен Балкан, Пејџ на средбата порачал дека регионот е во нов моментум, а таа позитивна клима во голем дел е благодарение на постигнувањата на Македонија и следните чекори што мора да ги направи државава се прогрес во интеграциите.

На средбата, како што информираат од владината прес-служба, заеднички било констатирано дека е потребно сите во државата да преземат одговорност за успешност на овој важен процес.

– Ние знаеме дека мора да бидеме одговорни и да преземаме чекори, бидејќи само така ќе ја осигуриме иднината на граѓаните, на економски и на безбедносен план. Убеден сум дека мнозинството граѓани ќе излезат на референдумот и ќе гласаат за Македонија во ЕУ и во НАТО. Она што е важно е и сите политички субјекти да ги остават личните и партиски интереси и да се определат за државните интереси, тоа значи да излезат и да се изјаснат на референдумот – рече премиерот Заев.

Заев, посочил дека и анкетите покажуваат мнозинска поддршка од граѓаните кои ја гледаат Македонија во ЕУ и НАТО, затоа што знаат дека тоа се перспективите за младите и за државата.

– Испративме пораки, како граѓани и како држава, во европски дух, дека можеме да градиме пријателства. Верувам и дека на референдумот ќе донесеме уште една правилна одлука за иднината на сегашните генерации, за нашите деца и за нашата држава – изјави премиерот Заев.

На средбата било разговарано и за други актуелни политички прашања во интерес на стабилноста, безбедноста и економскиот развој на целиот регион.