Премиерот Зоран Заев денеска изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандамни и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година.

-Треба да појасниме на сите, да знаат дека не излегоа мечки во амандманите, нема ништо скриено, дебатите се тие. Чесен пристап на имплементација на Договорот од Преспа. Видовте дека имаме инклузивен процес и од албанската заедница. Ја вклучивме целата дијаспора, го зајакнавме македонскиот идентитет. Верувам дека пратениците тоа ќе го поддржат, зашто тие го предлагаа, а претходниот пат не гласаа во Парламентот, истакна Заев, одговорајќи на новинарски прашања по националната конференција за децентрализација.

Премиерот напомена дека законот за амнестија предложен од собраниското тело за помирување, е според препораките на меѓународната заедница и со него ќе се испрати јасна порака дека мешање во правосудтсвото нема. Ќе се разграничи што значат политички, а што судски одлуки.

И со 120 пратенции ако се изгласаат уставните измени, а има какво било влијание во правосудството, тогаш, дополни Заев, ќе има земји – членки на ЕУ што тоа ќе го користат како аргумент и почетокот на преговорите за Македонија веројатно ќе биде доведен во прашање. Но, тоа Владата нема да дозволи да се случи. Затоа се прави јасна дистинкција што значи одговорност, а што учество во толпа, манипулации на одредени структури, што значи некои луѓе да биле излажани или изманипулирани, рече Заев.

На прашањето дали му простил на Крсто Мукоски што ги отвори вратите на 27 април, Заев одговори дека уште кога отишол во судот како сведок, тоа го нотирал во записникот. Сепак, додаде, судот е тој што носи одлуки. Политички последици од својата одлука очекува, но тоа, повтори, ќе го покаже времето.

-Сега е моментот да постигнеме помирување во државата. Ако Заев бил првиот таргет, нека тргне простувањето од мене. Ако Парламентот бил кулминацијата на нашата поделеност, нека тргне од Парламентот, но конечната цел е да успееме. Мора да успееме да ги помириме граѓаните, да си подадат рака. Отидов и во суд како сведок во записникот нотирав дека сум простил. Но, јас не сум правниот систем во државата. Правосудството ќе ги носи своите одлуки. Тоа што зависи од мене го отворив и на пленум на тој 15 октомври зашто чувствувам дека закрвеноста и поделеноста меѓу македонското ткиво мора да се отстрани. Можеме да коментираме се што сакаме, но некој има и одговорност и обврски. Очекувам и политички последици и тоа времето ќе го покаже. Но, ако ја постигнеме целта, ако се обединиме, верувам дека ќе успееме, рече Заев.

Во врска со најавената оставка на Панос Каменос кога уставните амандмани ќе се изгласаат во македонското Собрание, Заев рече дека има доверба во грчкиот премиер Алескис Ципрас, во грчката Влада, вклучувајќи ја опозицијата, како и во грчкиот народ.

-Имам доверба и во Каменос кој е исто така дел од Владата. Треба да дадат шанса на еден ваков историски договор зашто договорот е добар за двете земји, за двата народа. Верувам дека бенефитите ќе се видат во следните месеци од неговата имплементација. Јас сум убеден дека довербата што ја имам во Алексис Ципрас ќе биде имплементирана во Парламентот како што јас се трудам довербата што Ципрас ја има во мене и кон македонската Влада да биде имплементирана во Собранието. Сериозен и суштествен е процесот кај нас. Ниту јас како упатен човек не можам да гарантирам дека ќе успее македонскиот Парламент, но тоа што можеме да го направиме, го правиме и ќе продолжиме да го правиме, е максимлано инклузивен процес што успешно ќе заврши кон средината на јануари. На деветти јануари е закажана пленарната седница, а за не повеќе од десет дена, околу средината на јануари, верувам дека ќе успееме да ги изгласаме конечните амандамни, потенцира премиерот Зоран Заев.