Премиерот, Зоран Заев, денеска се сретна со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС) Мајлинда Брегу, која ја посети Македонија како дел од агендата за посета на земјите од регионот.

– На средбата, беше истакната важноста на постојано унапредување на регионалната соработка меѓу земјите од регионот во справувањето со предизвиците, земајќи ги предвид потребите во делот на економскиот развој, подобрување на конкурентноста, унапредување на дигиталната инфраструктура и вложување во слободен проток на трговија. Беа истакнати повеќе активности на Советот за регионална соработка, насочени кон олеснување и унапредување на регионалната соработка со цел остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата земја, која е посветена на одржување на пријателски односи со соседите и надминување на економско-здравствената криза – соопштија од Владата.

Заев изразил уверување дека Владата гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членство во НАТО и ЕУ, унапредување на меѓуетничките и добрососедските односи и продолжување на напорите за економски раст и развој и успешно справување со светската пандемија на вирусот ковид-19.