Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со претседателот на Демократската партија на Турците во Северна Македонија (ДПТМ), Бејџан Илјас, на која се зборуваше за потребата од заеднички кандидат за претседател.

– Заеднички претседателски кандидат, којшто ќе ја обедини цела држава и граѓаните, независно од националната или верската припадност, беше тема на разговор на денешната средба на Заев и Илјас – соопштија од СДСМ.

Од партијата наведоа дека претседателите на двете партии констатирале оти постои взаемна желба за заеднички настап, слагласувајќи се дека за иднината на Република Северна Македонија е од исклучително значење да се дојде до заеднички кандидат за претседателските избори, кој ќе промовира единство, рамноправност и стабилност на земјата.

– Партиските консултации околу обезбедување поддршка на заеднички претседателски кандидат веќе привршуваат и се одвиваат во позитивна насока – истакна премиерот на средбата.

Заев изрази задоволство од подготвеноста на партиите и во рамките на Коалицијата што ја предводи СДСМ, но и од останатите партии да се обединат околу еден заеднички претседателски кандидат.

– СДСМ преку внатрепартиските разговори, но и преку преговорите со останатите парламентарни и вонпарламентарни партии ќе дојде до најдобриот кандидат за претседателските избори – заклучи Илјас.

Нагласи дека ДПТМ активно ќе се вклучи во предизборната кампања, особено за промоција на претседателскиот кандидат кај припадниците на турската етничка заедница.