Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека во наредниот период не се планира носење на закон за општа амнестија. Се разговара само за амнестија за настаните од 27 април во Собранието, но, како што наведе, исклучувајќи ги сите оние кои учествувале во насилството, организацијата или биле осмислувачи.

Тој потврди дека добил писмо од осудениците од Затворот во Идризово дека ќе штрајкуваат со глад, доколку се донесе амнестија само за учесниците од настаните од 27 април, од страна на телото за помирување.

-Се разговара за Закон за амнестија за настаните од 27 април, но исклучувајќи ги сите оние кои учествувале во насилството, организацијата или биле осмислувачи на ваквите громорозни настани. Не се работи за општа амнестија. Македонија донесе закон за општа амнестија, Парламентот тоа го направи пред неколку месеци. Не може ниту една современа држава на секој шест или девет месеци да носи Закон за амнестија. Праксата во светот е општи закони за амнестија да се носат на секое четири до осум години. Така да 30 отсто од тоа што е дозволиво да се амнестира насекаде во Европа беше дозволено и во Македонија. Парламентот ја донесе одлуката преку еден нов Закон за амнестија и тоа е веќе спроведено. Во наредниот период нема да има општ Закон за амнестија – рече Заев на новинарско прашање по денешната дебата за уставните измени, што се одржа во Општинскиот Мултимедијален центар „Киро Глигоров“ во Штип.

Прашан за тоа колку неговите изјави за македонскиот јазик се контрапродуктивни за Преспанскиот договор и дали има сознанија дека Грција подготвува анекс на тој дел од договорот, Заев со одговор дека нема таков анекс договор и дека е во постојана комуникација со грчкиот премиер Ципрас.

-Секако, она што е важно мораме да внимаваме од двете страни на реториката. Факт е дека во договорот стои македонски јазик, факт е дека е дел од јужнословенската група на јазици и тоа е нешто што е прифатливо и е дел од договорот, како што е факт дека ние ќе бидеме Република Северна Македонија. Треба да внимаваме заради тоа што нашето право на самоопределување, нашето право на користење на нашиот македонски јазик е прифатено и е признаено од Грција – вели Заев.

Тој забележа дека во духот на имплементацијата на Договорот ќе се гради пријателство меѓу двете земји, а не непријателство. Македонскиот премиер верува во грчкиот премиер дека ќе исполни се што е договорено во рамките на Преспанскиот договор.