На онлајн-прославата по повод 30. роденеден на СДСМ, претседателот на партијата, Зоран Заев, истакна дека неговата партија 30 години води храбри, визионерски и државнички политики што водат напред.

Од вонвременскиот 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје до историскиот 30 март 2020 на платото пред седиштето на НАТО во Брисел, СДСМ е нераскинлив дел од секој успех на државата и граѓаните, рече Заев.

– Меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па сѐ до кандидатскиот статус за ЕУ, договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, се трајните државотворни печати на СДСМ – истакна Заев.

На меѓународен план, како што рече, СДСМ ја вратил државата на патот на евроинтеграциите.

– Без да калкулираме со личните и партиските рејтинзи, го решивме долгогодишниот спор со Република Грција, го заштитивме идентитетот и ги отворивме вратите на ЕУ и НАТО пред кои предолго чекавме. Пред нешто повеќе од една година, во март 2020, ја остваривме тридецениската стратешка цел – Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, на најсилниот и најголем воено-безбедносен сојуз во светот – потенцира претседателот на СДСМ.

Според него, СДСМ победува, но и постојано се менува.

– Први во државата организиравме внатрепартиски непосредни избори за претседател на партијата, поставивме нов стандард во внатрепартиската демократија. Промените ќе продолжат и со конгресот, кој ќе се одржи во мај, со нова енергија, со нова политика, ќе продолжиме во реализација на зацртаните цели што носат напредок – додаде Заев.

Тој потсети дека претстои важен период, особено во надминувањето на последиците од корона-кризата и ставање конечен крај на пандемијата, а со тоа и раст на македонската економија. Како и досега, СДСМ и во овие процеси ќе покаже одговорност, државотворност, храброст и посветеност, истакна Заев.