Местото на Република Македонија е во НАТО. Ние сме одлучни во намерата да бидеме следната 30. членка на Алијансата. Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија , порача премиерот Зоран Заев во поздравното обраќање на одбележувањето на Денот на НАТО што го организираше НАТО Канцеларијата во Скопје.

Тој нагласи дека со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не.

– Затоа политиката на отворени врата на Алијансата е вистинскиот пат за консолидација на мирот и стабилноста во целиот регион. Владата на Република Македонија, е цврсто определена за ефикасни домашни реформи, за демократски вредности, за владеење на правото, за почитување на човековите права, за функционални институции во служба на граѓаните. Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат наши стратешки цели и одат заедно со нашата амбиција за интеграција во НАТО и ЕУ. Градиме нов дух на инклузивни политики што водат кон решенија, а не кон проблеми – порача Заев.

Нагласи дека посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на Македонија во јануари годинава, даде силен поттик на нашите НАТО аспирации.

– По неговото охрабрување уште поенергично се впуштивме во реформските процеси и во решавањето на билатералните проблеми. Македонија и НАТО се блиски партнери веќе 22 години. Ова партнерство помина многу тестови. Ова партнерство ја покажа способноста на Македонија и НАТО да се прилагодат на различни предизвици, дури и во исклучително тешки ситуации – посочи Заев.

Потсети дека Македонија го дава својот придонес во НАТО од 2002 година. – Покажавме дека сме вреден и лојален партнер. Во мировната мисија во Авганистан сме четврта земја по глава на жител. Обезбедуваме логистичка поддршка за КФОР во Косово. Активно сме вклучени во борбата против насилниот екстремизам. Остануваме посветени и во иднина. Ќе го зголемиме нашето учество во мировната мисија во Авганистан за 20 проценти, а секоја година ќе го зголемуваме буџетот за Армијата, за 0,2 проценти од БДП, истакна Заев.

Како премиер на Македонија, додаде, ред е да кажам дека и НАТО принципиелно и пријателски возврати, преку поддршката на неопходните демократски процеси во нашата држава, како и во сите политички кризи и предизвици. Вложуваме напори за повторно воспоставување на Република Македонија како кредибилен партнер на своите меѓународни пријатели.

– 2018 година може да биде историска година за Македонија, ако нашата држава ја добие посакуваната покана за НАТО, како и датум за почеток на преговори со ЕУ. Во тој случај ќе биде и година за паметење и за НАТО и за ЕУ, затоа што евро – атлантските интеграции на Република Македонија и на регионот се придонес кон стабилноста и безбедноста, и отвораат можности за економски развој – потенцира македонскиот премиер.

Шефот на Канцеларијата на НАТО во Република Македонија, капетанот Горазд Бартол порача дека целите на НАТО се да се гарантира слободата и безбедноста на земјите членки, да се промовираат демократските вредности, да се гради доверба и услови за развој, како и да се решаваат проблеми и да се превенираат конфликти.

Тој ги поздрави напорите и успесите на Владата во остварувањето на реформите поврзани со зачленувањето во НАТО и градењето на добрососедски односи и заклучи дека Алијансата е подготвена да и помогне на Македонија во евро-атлантските интеграции бидејќи од зачленувањето на земјата во НАТО ќе биде голема придобивка за Македонија и регионот, но исто така и за НАТО.

На денешен ден пред 69 години е формиран НАТО со потпишување на Северно-атлантскиот Договор во Вашингтон, со кој секоја држава членка се посвети на одговорностите на колективната безбедност.