Александар Николоски не може да биде народен претставник на граѓаните од изборната единица 4, зашто никогаш не живеел ниту работел тука. Александар Николовски во Кривогаштани прв пат доаѓал со навигација бидејќи не знаел ни каде се наоѓа, а не пак да зборува за земјоделство, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со жителите на Кривогаштани, Могила и Ивањевци.

– Грижата за земјоделците ќе продолжи уште повеќе, обезбедуваме 200 милиони евра годишна финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој – истакна Заев.

Претседателот на СДСМ потенцираше дека изминатите три години се зголемиле субвенциите, исплатата се одвива редовно, навремено и неселективно а со тоа, како што рече, се покажува на дело вистинската грижа за земјоделците и земјоделството.

– Годишната финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој ја димензионираме на 200 милиони евра. До 2024 година обезбедуваме целосно бесплатна 100 проценти субвенционирана ‘зелена’ нафта за сите земјоделци и двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок. Тоа за вас значи повеќе пари, значи намалени трошоци, значи слободни средства кои ви стојат на располагање, средства кои можете да ги инвестирате во поквалитетно производство – подвлече претседателот на СДСМ и додаде дека неговата партија покажува вистинска грижа за земјоделците и го цени и вреднува нивниот труд.