Во прашање се денови до завршување на истрагата на Јавното обвинителство за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, но тврдам дека политиката немала замешано прсти. Ниту сакала, ниту можела, ниту, пак, требало да помогне и да овозможи таква работа. Тајни договори што значат избегнување правда немало и нема да има, порача вчера премиерот Зоран Заев.

– Додека не заврши истрагата предводена од Јавното обвинителство чесно е извршната власт да не се истрчува со претходни детали што може да бидат дел од предистражна или истражна постапка што ја водат истражните органи. Штом Јавното обвинителство ќе даде пас и на кој било начин ќе го обелодени, ние ќе ги соопштиме сите детали од аспект на извршната власт, пред сѐ, од Министерството за внатрешни работи – рече Заев на прес-конференција во Министерството за финансии.

Ако постои одговорност некаде, нагласи, и тоа е потврдено со конкретни докази и аргументи, одговорноста ќе се преземе почнувајќи од мене, министер, директори, сектори во МВР или која било друга државна институција од извршната власт.
– Тука нема дилеми. Уште еднаш истакнувам тајни договори што значат избегнување правда немало и нема да има – рече Заев.

Нагласи дека на Македонија ѝ треба помирување за остварување на стратегиските интереси – членството во НАТО и ЕУ и додаде дека верува оти е донесено квалитетно решение што го поздрави и Унијата.

– Пораката на помирување преку Законот за амнестија за она што се случи на 27 април е само почеток. Помирувањето ни треба по сите вертикали во Македонија. Кога се помиривме со светот, со нашите соседи, зарем не треба да се помириме и дома. Премногу ни се големи поделбите, затоа прво мораме да ја вратиме човечката доверба еден во друг, да си простиме, да подадеме рака и да тргнеме со помирувањето.

Верувам дека тоа ќе даде позитивен резултат за иднината на нашата земја. Во тој дел останува пораката на казнивост и преземање одговорност. Направивме јасна дистинкција што е учество во насилство и физичко насилство, организатори и осмислувачи на настаните и притоа ја отстранивме можноста за омраза и реваншизам – рече Заев.

Како следни чекори го посочи помирувањето меѓу навивачките групи, на локално ниво, помеѓу младинските разграноци на политичките партии…