Претседателот на Владата Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Војциех Тицињски и Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во нашата држава.

Двајцата амбасадори му пренесоа честитки за победата на изборите и формирањето на Владата.

На средбата со полскиот амбасадор беше изразено задоволство од континуирано плодната соработка и цврстите пријателски односи меѓу двете земји и посебно беше нагласена јасната поддршка од Полска за започнување на пристапните преговори со Европската Унија и плодната соработка како НАТО сојузници. Премиерот Заев посебно ја нагласи поддршката на земјите на Вишеградската група (В4), чиј актуелен претседавач е Полска и заедно со Чешка, Унгарија и Словачка се стабилни партнери и поддржувачи на регионалната соработка, залагајќи се за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

На средбата со Тигањ беше оценето дека Република Северна Македонија се развива според европските вредности и Хрватска продолжува активно да ја поддржува нашата држава во процесот на европските интеграции, во очекување на почетокот на преговорите со ЕУ.

Премиерот Заев се заблагодари за пријателската поддршка од Република Хрватска во демократските и евроатлантските процеси на земјава и упати покана до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за посета на нашата држава.

– Сите соседи ни се пријатели, немаме повеќе отворени прашања со ниеден од соседите, исто така и во нашата држава успешно градиме „Едно општество“ за сите граѓани, така што во претстојниот период главен фокус ќе ни биде европеизација на државата, со цел развој на економијата и животниот стандард и обезбедување правна држава. Искуствата од Република Хрватска се драгоцени и соработката помеѓу нашите земји ќе продолжи како на евроатлантски план, така и низ унапредување на билатералната соработка – рече премиерот Заев.

На состанокот е заеднички констатирано дека за напредокот на државата, посебно на отворениот европски пат, е потребно одговорно однесување од сите, со што единствено се придонесува во перспективите на граѓаните и државата.