Премиерот Зоран Заев и владина делегација во состав Бујар Османи, заменик претседател задолжен за европски прашања и Никола Димитров, министер за надворешни работи, денеска ги започнаа активностите на централниот дел од Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што се одржува во Лондон.

Како што соопшти владината прес-служба, Програмата на Самитот ЕУ-Западен Балкан почна со приемот организиран од премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес и на земјите членки на ЕУ присутни на Самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.

Премиерот Заев присуствуваше и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите (РИКО).

На работната сесија на ручекот, посветена на економијата и на регионалната соработка, со воведно излагање се обрати еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

– Лидерите на Европската Унија и на Западен Балкан ја потврдија заложбата за зајакнување на регионалната соработка, за подем на економијата и за раст на трговската размена меѓу земјите во регионот. Заедно со напредокот во агендата за дигитализација на поврзувањето меѓу земјите и народите во областите со најмногу потенцијал, се очекува во скора иднина напредок во мобилноста, односно во движење на работна сила- стои во соопштението.

Премиерот Заев, се наведува, потоа беше поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој претседаваше британската премиерка.

Шефот на македонската Влада на Самитот ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година. На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Хан на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

Официјалната програма на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон, завршува вечерва со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс, се наведува во соопштението.