Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека СДСМ и коалицијата победуваат или имаат водство во повеќе од 30 општини во земјава.

Според него, коалицијата на СДСМ победува во првиот круг или има водство пред ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Валандово, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Пехчево, Чашка, Пробиштип, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово и Ростуше, Старо Негоричане, Росоман, Лозово, Конче, Арачиново, Дебарца, Долнени, Куманово, Скопје.

– Поддршката што ја добивме во првиот круг е сериозна и нема да дозволиме некој земјата да ја враќа назад. Пред нас е голема борба и влегуваме во борба за сите преостанати општини. На крајот СДСМ ќе има повеќе градоначалници во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција. Впрочем и затоа Мицкоски бараше градоначалници во првиот круг, бидејќи знае дека ситуацијата ќе се смени во вториот круг. Јасна е пораката на народот и таму каде што победивме и таму каде што не победивме – народот сака резултати и тоа е можно само со коалиција која оди напред. Борбата продолжува, бидејќи злото се заканува – изјави Заев.

Тој ги повика сите оние кои не излегле на гласање во првиот круг, тоа да го сторат во вториот круг.