Актуелниот претседател на СДСМ, Зоран Заев, ја презентира неговата програма за претстојните избори за лидер на партијата што ќе се одржат в недела, 21 март. Тој најави пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ.

– Нова политика – Пролетна офанзива за нов пресврт во политичкото делување на СДСМ и на Северна Македонија. Доколку ја добијам довербата, најавувам досега најголема политичка акција за нова позитивна промена на начинот на функционирање и менталитетот на политичките партии во нашата земја, почнувајќи токму од СДСМ – рече Заев.
Тој кажа дека новата политика значи реформа на досегашна кадровска понуда на СДСМ.

– Некои многу сработуваат и водат напред, некои можат многу повеќе, но некои потфрлија. Единствениот долг кој го прифаќам е долгот кон граѓаните за ефикасна и доследна испорака на ветеното. И тука е точката на која се темели новиот начин на работа – рече Заев.

Додаде дека новата политика значи ангажирање на сите можни капацитети во борбата против корупцијата и криминалот и охрабрување на различно мислење и почитување туѓи ставови.

Тој, исто така, кажа дека СДСМ има каде да се поправа и подобрува.

– Не сме безгрешни. Никој не е. Но, факт е дека никогаш не скршнавме од стратешкиот колосек, од напредокот, од сојузништво со западниот демократски свет на чело со САД и ЕУ. Така и ќе продолжиме да работиме и да се движиме по вистинскиот пат – истакна Заев.