Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Зоран Заев најави дека до крајот на годинава ќе се одржи лидерска средба.

На прес-конференцијата по повод 100 дена Влада, премиерот рече дека на средбата со лидерите ќе стане збор за евроинтеграциите, ковид-кризата, но и други прашања во интерес на граѓаните.

Заев очекува лидерската да ја свика претседателот Стево Пендаровски, но ако не биде така, вели дека тој ќе ја организира средбата.


Мицкоски: Нема да присуствувам на лидерска средба на иницијатива на Пендаровски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека нема да присуствува на евентуална лидерска средба организирана од страна на претседателот Пендаровски. Според него, партиските лидери треба да разговараат за важните политички прашања.

– Не можам да бидам пазарџија, ниту, пак, да бидам политичар којшто ги менува позициите од ден на ден, ниту, пак, да ги перам сите оние грешки што ги прави Зоран Заев, кога буквално ги урива сите позиции кои со децении се креирани. Затоа што, кога бил во опозиција ветувал нешто, што денеска ете гледаме, не може да исполни. Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичките партии, ние политичките партии да разговараме за нешто, тогаш се знае, треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае кој е тој којшто треба да ја свика таа лидерска средба, ние неколку пати до сега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека доколку седнат политичките партии и дојдена е иницијатива од страна на Владата, ќе ја прифати и ќе учествува на неа.