Денеска е историски ден за нашата земја, заедно напишавме историја. Откако огромно мнозинство од излезените гласачи на рефередумот го одобрија Договорот од Преспа за членство на Република Македонија и НАТО, денеска Собранието на Република Македонија следејќи ја волјата на граѓаните со двотретинско мнозинство овозможи да зачекориме низ отворените порти во најголемите западни сојузи на светот, истакна премиерот Зоран Заев по собраниската седница на која се донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот заради имплементација на Договорот од Преспа.

Македонија, посочи, ќе биде дел од европското семејство, нашите сонови и визии за подобар живот во подобра земја ќе бидат исполнети, ќе пристапиме кон двете најмоќни организации во светот како полноправна членка, како независна и горда земја.

– Со оваа историска одлука нашето пристапување во НАТО кое е веќе во тек ќе продолжи со зголемен интензитет и со јасен исход и процесот на членство во ЕУ ќе започне веќе следната година, го имаме датумот. Ова е историски момент, сакаме искрено и најдиректно да му се заблагодарам на секој пратеник за оваа историска одлука. Особено сакам да им се заблагодарам на оние храбри пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција кој го ставија интересот на државата и на граѓаните над партиските интереси и гласаа „за“ и покрај непотребниот политички притисок од страна на нивното партиско раководство. Децата на Македонија ќе бидат горди на сите нив, како и на сите пратеници од мнозинството, сите ќе бидеме горди на нашите пратеници, рече Заев.

Тој нагласи дека во овој момент луѓето во Македонија се горди што имаат вакво Собрание. Секој граѓанин на нашата земја, посочи, е горд на покажаната одговорност и храброст.

-Уверен сум дека го делам чувството на гордост на секој наша граѓанин за подготвеноста да се прифати овој исчекор за доброто и иднината на нашата земја и за нашиот народ. Со вакви одлуки луѓето стануваат херои денес заедно напишавме историја и вие сте многу повеќе отколку само дел од неа. Вие денес самите станавте херои во историјата што ќе ја раскажуваат идните поколенија. Бидете сигурни луѓето во Македонија нема да заборават што направивте за иднината на земјата и бидете сигурни дека како премиер јас останувам на зборот дека ќе ја гарантирам вашата сигурност и сигурноста на вашите семејства, почитувани пратеници. Денес ја надминавме големата пречка која стоеше пред нас и меѓу нас и ја изградивме државотворната коалиција со граѓаните за јасна и стабилна иднина на сите граѓани, истакна Заев.

Да ја одржуваме, посочи, силно оваа коалиција со граѓаните, бидејќи нашето патување кон поубава иднина кон нашето членство во ЕУ и НАТО штотуку започна. – Ајде сега да направиме долгиот пат да биде покус. Ни претстои работа низ парламентарниот процес за спроведување на Договорот од Преспа. Заедно ќе ги усогласиме амандманите на Уставот, заедно ќе работиме на помирувањето, прострувањето и на националното обединување, бидејќи и тоа бара посветеност и одговорност. Паралелно со тој процес останува да се фокусираме на спроведување на неопходните реформи за да ги постигнеме европските стандарди. Правото и правната држава се наша обврска и од тоа нема и нема да има отстапки. Денес им дадовме нов свеж старт на промените, рече Заев.

Затоа, појасни, мора да го продолжиме она што го започнавме денес во коалиција со граѓаните, коалиција на одговорност за иднината на нашата земја. – Уверен сум дека зедно ќе ја одведеме Македонија во светла иднина. Имам порака и за почитуваните пратеници кои ја отфрлија одговорноста денеска. Јас се уште не ја изгубив надежта дека и тие ќе се преиспитаат и ќе се приклучат кон одлучното градење иднина на нашата заедничка земја. Македонија оди по еден, единствен и јасен пат, вратите се отворени, приклучете се. Да живее Македонија. Да живеат граѓаните на Македонија, додаде Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дигнитетот на пратениците е пред се и над се. Тој ги повика сите органи на истражување или кој било да провери дали има какви било инсинуации.

– Но, истовремено кажувам ќе гонам на суд до крај за ова валкано инсинуирање манипулации и оптужби затоа што генеален секретар на една од најголемите партии во Македонија испрати такво обвинување, не заради мене, заради дигнитетот на пратениците. Воден е транспарентен процес до крај. Зборувавме јавно за се. Разговаравме со пратениците и гледате, не брзавме, полека, да има пријатна атмосфера – само тоа беше важно. Јас сум убеден дека поголема е бројката од 25 пратеници од опозицијата и убеден сум дека ќе се приклучат. Зошто? Заради Македонија, заради иднината, заради тоа што 80 проценти стојат позади НАТО и ЕУ, заради тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери се за ЕУ и НАТО, заради тоа што играчки нема со иднината на државата. Јас сум убеден дека следниот чекор ќе го правиме веќе заедно, во најмала рака во многу поголем број од денешниот, рече Заев.

Тој посочи дека за него сите пратеници се исти, никој не е виновен додека не се докаже вина и верува дека ќе се изнајдат начини навистина да направат национално обединување, затоа што премногу ни е поделено општеството.

-ЕУ и НАТО се веројатно единствена можност која што не обединува сите и политички, и етнички, и религиски. И сега е моментот да се обединиме. Верувам дека тоа охрабрување, сите тие луѓе веројатно и во делот да направат и покајание за тоа што се осомничени и обвинети сите заедно на крајот направивме сериозен исчекор. Јас верувам дека ова е вредно. Вредно е заради децата, заради идните генерации, заради нашата Македонија, истакна Заев.

Уште еднаш потенцираше дека никој не е виновен ако не му се докаже вината со правосилна пресуда. Нагласи дека секој во државата почнувајќи од него заради тоа што е прв во извршната власт, секој во државата треба да си носи одговорност за тоа што е обвинет и за тоа што би било потврдено со правосилна судска пресуда.

– Судските процеси ќе продолжат. Веројатно инстанците правосудни за кои неколку пати кажувам дека немам намера да се мешам таму внатре, тие ќе си ги носат своите оценки, затоа што сето тоа што ние го работиме, сето тоа пред кое што е исправена Македонија е секако одговорност на сите во државата. Секако најодговорен е Парламентот, после тоа извршната власт, па понатаму се сите други институции во државата. Сето тоа што ќе се случува во Македонија ќе биде транспарентно на показ на граѓаните и ќе работиме исклучиво во правец на иднината на оваа наша земја, на членството во НАТО, на почеток на преговорите со ЕУ, но да и на помирување и на простување. Редно е навистина да изградиме единство и да се обединиме, рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ова денеска беше само одлука за потребата за отворање на уставни промени, допрва нацрт-амандманите доаѓаат, ќе има дискусија, ќе се гласа амандманите, ќе има јавна расправа, ќе се гласа за исто со двотретинско мнозинство за амандманите.

Ова, посочи, треба да биде одржлив процес и навистина единствено е возможен во благопријатна атмосфера, со дигнитетот и достоинството на секој пратеник и на неговата лична одлука.

– Јас сум денеска среќен заради тоа што изнедривме двотретинско мнозинство за првата одлука која што сум убеден дека ќе биде охрабрувањ за следните чекори. Знаеме дека четири амандамни по договорот има. Знаеме и за иницијативата на одредени пратеници за да го зајакнат идентитетот и јазикот, тоа е во духот на договорот, знам и за иницијативите други за кои разговараат. И јас целосно сум подготвен, како што реков, пред пратениците во Парламентот да ние во Владата дојдеме овде во Парламентот заедно со пратениците дај боже со сите 120 да работиме на сите амандмани кои се неопходни, кои ќе не поврзат и ќе застанеме заедно, а има шанси да го завршиме овој процес и со 120 гласа „за“, додаде Заев.