Премиерот Зоран Заев денеска најави дека наскоро ќе биде поставен бројчаникот на Порта Македонија во Скопје, кој треба да покажува колку од украдените пари ќе се вратат во буџетот.

– Бројчаникот ќе врти како што ќе се носат судските пресуди и како што институциите од областа на финансиските истраги ќе ги инкасираат вратените пари што биле земени од буџетот, како надомест на штета, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.

Тоа, како што истакна премиерот, е ветување што го дал додека беше во опозиција, барајќи ја поддршката од граѓаните.

– Ова ветување ќе биде исполнето овие денови, секако доколку се завршат правните формални апсекти. Во буџетот на Владата нема пари за тоа и бројчаникот приватно ќе го платам од мои пари. Тоа значи дека по завршувањето на функцијата ќе биде дониран на Министерството за култура и институцијата која е сопственик на Триумфалната порта каде ќе остане трајно добро. Откако ќе се вратат сите украдени пари најверојатно бројчаникот ќе покажува температура, географска ширина и должина на Скопје и слично. Тоа е намерата во делот на постапката за реализација на ова мое ветување, рече премиерот Заев.