Очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, а опозицијата да не печали лични поени на штета на европската иднина, рече премиерот, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања.

На обраќање на пратеничката Рашела Мизрахи со посочувања за фашистички однесувања во земјава, премиерот Заев одговори дека „народните херои ги убил фашист, а не цели народи“, дека „Бугарија не била администратор во земјава, била окупатор, но одлуката на тогашната власт и администрација во Бугарија, не ни дава за право да негуваме непријателски чувства кон целиот бугарски народ и бугарската држава“.

– Затоа е важно како зборувате. Секој може да печали по некој поен заради некој личен интерес, политички, за да дојдете до власт, моќ, пари, но оваа реторика и драматургија е заради ваши димензионирани интереси – укажа премиерот Заев.

Тој кажа дека македонските идентитет и јазик никогаш не биле на маса на преговори и разговори и нема да бидат.

– Тоа е наше право, самоопределување, европски право и очекувам од бугарската страна да направи чисто признавање на македонскиот народ и македонскиот јазик, без какви било задршки, уцени или резерви, затоа што пријателите тоа го прават – рече Заев.

Тој изрази очекување дека историската мешовита комисија ќе продолжи да бара решенија за отворените прашања, оценувајќи дека формулацијата заедничка историја помеѓу двата народа и двете држави е сериозна формулација на градење пријателство и европска иднина. Заев додаде дека постои заедничка македонска и бугарска историја, како што постои посебна македонска историја којашто си ја имаме како македонски народ и како држава.

– Низ ваквите формулации можеме да градиме иднина. Ќе се однесуваме одговорно и ќе градиме пријателство, во сé што е наша светост: национална посебност, македонски јазик, македонски народ, македонски идентитет, како и идентитетите на сите помалку бројни заедници во нашата заедничка татковина. Успева државата да оди напред. Денеска сме членка на НАТО, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Ќе бидеме членка на ЕУ, како Македонци кои зборуваат македонски јазик – рече Заев.