Премиерот Зоран Заев очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот за утврдувањето датум, прашањето и карактерот на референдумот за името.
– Очекуваме до крајот на неделата заедно со другите парламентарни партии да ги дефинираме овие работи ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември или 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот и околу датумот за референдумот и прашањето и околу карактерот – изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

Како што рече Заев, продолжуваат и разговорите околу законот за финансирање на политичките партии и изборот на ДИК, техничка влада, пржинскиот процес…
Премиерот смета дека заслужува внимание барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори пред да се разговара за членството во НАТО и во ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдумски процес.
– „Кога? По една година? Во секој случај вредно е за внимание кога опозицијата бара избори. Сум бил опозиција пред една година и знам дека е вредност да се седне да се разговара, секако ако ова го гарантира успешниот референдумски процес – објасни Заев. Тој не ја исклучи ниту можноста за свикување лидерска средба во случај работните групи на парламентарните партии до крајот на неделава да не постигнат договор. П.Р.