Премиерот, Зоран Заев, во Подгорица се сретна со премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ. Како што соопштија од владата, на средбата биле потврдени одличните традиционални и пријателски односи помеѓу двете држави.

– Заеднички е констатирано дека заокружувањето на членството на Република Северна Македонија во НАТО, дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во регионот. Споделени се искуства за резултатите од НАТО интеграциите, како што се нови инвестиции, повеќе работни места, подобар животен стандард – соопштија од владата.

Исто така, заеднички било заклучено дека иднината на целиот регион е во Европската унија и дека таа стратешка цел нема алтернатива. Соговорниците оцениле дека проширувањето на ЕУ е неопходно да продолжи, бидејќи тоа е одржливата опција за мир, стабилност и перспективи на Балканот и на Европа.

Премиерот Заев изразил благодарност за силната поддршка од Црна Гора за членство на Македонија во НАТО и за исполнувањето на заедничките ЕУ перспективи, согласно Берлинскиот процес, што ја поттикнува соработката помеѓу сите земји од регионот

– Продолжуваме со реформите и со инклузивните политики, како на политички план, така и на планот на нашиот концепт, Едно општество за сите, што успешно го развиваме. Продолжуваме да даваме аргументи дека нашето место е во ЕУ. ЕУ и НАТО интеграциите за нас немаат алтернатива. Интеграциските процеси веќе даваат резултати во економијата, повисоки плати, пензии, раст на минималната плата за 90 евра, раст на социјална помош за 300 проценти – рекол Заев.