Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение за спорот со името. Во игра е име со георгафска одредница, а не со временска. Разлики има во однос на промената на Уставот, што е поврзано со опсегот на употреба. Грчката страна има разбирање за нашиот идентитет, порача денеска премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ 24 вести.

– Јас сум првиот македонски премиер кој кажал дека за нас е прифатливо име со географска одредница и мислам дека тоа помогна во преговарачкиот процес. Грчката страна има разбирање за идентитетот и верувам дека ќе успееме – изјави премиерот.
Тој понатаму додаде дека ќе се направи обид спорот да го решат двте земји, слично како што беше постигнат договор со Бугарија.

– Тоа е добро и за развој на билатералните односи со Грција, но и затоа што со тоа се дава можност Македонија да чекори напред, да добие членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ, за подобар живот на граѓаните – рече Заев.

Повтори дека доколку се сретне со грчкиот колега Алексис Ципрас, веројатно тоа ќе значи дека е можно да се постигне компромисно решение кое ќе биде прифатено и од граѓаните во двете земји. Најави дека со него ќе се види на 17 и 18 мај на Самитот на ЕУ и Западен Балкан.

Истакна дека промената на името на аеродромот и автопатот биле гест на добра волја, но оти тргањето на споменикот Воин на коњ не е врзано со преговорите.

– Доколку не се дојде до решение, Македонија ќе продолжи со реформи бидејќи тие се битни за граѓаните – истакна Заев.